САД го скратија за 285 милиони долари финансискиот придонес кон ОН
Њујорк – Американската амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли најави дека САД ќе го намалат својот придонес кон буџетот на ОН за 285 милиони долари во фискалната 2018-2019 година.
– Неефикасноста и претераното трошење на ОН е добро познато. Ние нема повеќе да дозволуваме да се злоупотребува широкоградоста на американскиот народ и трошењето да биде неконтролирано, изјави Хејли.
Минатата година вкупниот буџет на ОН изнесуваше 5,4 милијарди долари, а од нив, меѓу една петтина и една четвртина од буџетот беше покриен од САД.
Најавата на Хејли доаѓа откако 128 членки на ОН гласаа против одлуката на САД да ја преместат Амбасадата во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Хејли пред гласањето најави дека САД ќе ја скратат финансиската помош што ја даваат како на државите што гласаат против одлуката на САД, така и на ОН. Воедно, САД се повлекоа и од организацијата УНЕСКО на ОН.