Рама со порака до Иванов: Албанскиот не е јазик на непријателот


„Без Албанците нема Македонија“, му порача премиерот на Албанија Еди Рама на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Рама се обрати преку својот фејсбук профил, откако Иванов соопшти дека и по вторпат нема да го потпише Законот за употреба на јазиците, кој беше усвоен во средата во трето читање, по суспензивното ветот на шефот на државата.

„Господине Иванов, албанскиот јазик не е јазик на непријателот, туку е јазик на државотворен народ во Македонија. Без Албанците, нема Македонија.“, напиша Рама.

Рокот од седум дена за потпишување на Законот за јазиците истекува во среда, следната седмица. Спикерот Талат Џафери изјави дека ќе почека да види како на крајот ќе постапи Иванов, по што и тој ќе ја извести јавноста што ќе преземе.