Процесот „Тенк“ во завршница: Првата пресуда за Груевски на 23 мај


Прашањето за името стигна и во судница, на завршните зборови за случајот „Тенк“, во кој е обвинет поранешниот премиер Никола Груевски. Тој во завршните зборови, како на прес-конференција за новинари, обвини дека колку повеќе течат преговорите за името, толку позабрзано течат судските процеси

„Сакав да најдам решение за името, но останав цврст во ставовите“, рече Груевски, но судијката Добрила Кацарска го врати во реалноста и го предупреди дека не е во Влада на прес-конференција. „Не изнесувајте ги вашите политички ставови во судница“, му порача Кацарска на Груевски.

Според Груевски, случајот „Тенк“ е фабрикуван и за него нема докази. „Обвинет сум за сакање“, рече Груевски, кој негираше сѐ за што е обвинет. Тој негираше дека го искористил влијанието за да набави луксузно возило, дека барал фаворизирање на една фирма.

Никола Груевски вчера дојде точно навреме во новата зграда на Кривичниот суд за да ги даде завршните зборови за случајот „Тенк“. Од 10.30 часот утрото до доцна попладне Груевски чекаше да каже што има во своја одбрана за овој случај. Ги слушаше првин завршните зборови на двајцата специјални обвинители, потоа на адвокатот на поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, а потоа и на неговите адвокати. Ги слушаше спокојно гледајќи пред себе, во својот телефон, а некогаш кон судијката.

Кога специјалните обвинители му порачаа дека ова дело нема да застари, бидејќи има направено други потешки кривични дела, Груевски им побара на адвокатите неколку ливчиња за да напише нешто.

Но на првата пауза Груевски задоцни и се врати со неколку листови, со подготвен завршен збор. Тројцата адвокати што го застапуваат побараа тој да биде ослободен. Тие побараа судијката да ги игнорира осумте „бомби“ за набавката на луксузниот „мерцедес“. „Судската пресуда не може да се заснова врз основа на незаконски прибавени докази“, изјави еден од адвокатите, Боро Тасевски.

Според адвокатката Сања Алексиќ, потребата од набавка на високобезбедносно возило за МВР била претходно утврдена од Владата, а годишниот план за јавни набавки го потпишува министерот за финансии.

Специјалните обвинители побараа Груевски да биде осуден бидејќи свесно, за своја лична корист, но со пари од буџетот, барал Министерството за внатрешни работи да го набави блиндираниот „мерцедес“ со дванаесетцилиндричен бензински мотор, со екрани на седиштата и со дополнителна луксузна опрема.

Иако набавката ја спровело Министерството за внатрешни работи, возилото го користел Груевски, но барал да не се дознае во јавноста за ова. Пред новинарите не се појавувал со „мерцедесот“ вреден 600.00 евра.

За набавката, Поповски распишал тендер со технички спецификации на „мерцедесот“ кои можела да ги испорача само фирмата „Мак аутостар“, која била застапник за оваа марка. Целта била да се исклучи каква било конкуренција. Во германската фирма била направена дури и резервација за ваквиот автомобил уште пред да биде распишана јавната набавка.

Поранешниот премиер се товари за примање награда за противзаконито влијание, а за ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до три години, додека на Поповски му се заканува затворска казна од над пет години.

Сепак, јавното обвинителство побара од судијката да ги земе предвид олеснителните и отежнителните околности при изрекувањето на пресудата. За Поповски, според СЈО, отежнителни околности се тоа што делото е направено со умисла, а олеснителна околност е неговата здравствена состојба.  А за Груевски побара да се земе предвид неговата тогашна политичка функција во Владата, но и неговата семејна состојба.

Од вкупно пет случаи, за кои му се суди на поранешниот премиер, ова е првото што влегува во завршница. Цената на „мерцедесот“ сега падна на околу 300.000 евра. Владата планираше да го продаде, но се премисли бидејќи сѐ уште е дел од судската постапка.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не се појави во судот бидејќи постапката за неа е одвоен поради ризичната бременост.

Дали Груевски ќе биде прогласен за виновен или не за случајот „Тенк“, ќе се знае идната недела, на 23 мај.

Фросина Факова-Серафиновиќ