Промоција на книгата „Разговори за нас“ од Катерина Богоева


В понеделник, во 20 часот, во МКЦ, ќе биде промовирана книгата „Разговори за нас“ од новинарката катерина Богоева.

Промотори на книгата се Бојан Иванов и Емилија Петреска – Камењарова.

Книгата „Разговори за нас“ содржи избор од триесет интервјуа снимени  и објавени во периодот од 2000 до 2017 година во две списанија и во еден дневен весник: „Глобус“, „Премин“ и „Утрински весник“. Реализирани се во период исполнет со разни политички промени во Македонија, во време и на впечатливи настани од областа на културата и уметноста, време од новата историја на државата кое остава голема трага во севкупното живеење. Мислењата и ставовите на еминентните соговорници од неколку држави за различни прашања: археолози, етнолози, архитекти, историчари на уметност, сликари, писатели, фотографи, театарски продуцент, актер, диригентка, преведувачка, Архимандрит како и амбасадор во Јапонија, прават еден вид сложувалка отсликувајќи ја актуелната реалност, влечејќи паралели со настани од минатото, но и нудејќи различни визии за иднината. Мислења кои заслужуваат да бидат пренесени и во книга,бидејќи на свој начин го содржат специфичниот дух на времето во кое живееме, опасно и турбулентно, но истовремено и убаво благодарение на моќта на уметноста.

Катерина Богоева е родена 1965 година во Скопје каде и сега живее. Дипломирала на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Новинарски ангажмани: Македонско радио (Втора програма), „Утрински весник“ ( и уредник на културната редакција), „ Дојче Веле“, „Граѓански свет“ ( новинар и уредник), „Премин“, „Глобус“, „Форум“, „ Орис“ – Загреб, „Нова Македонија“.

Автор е на монографијата „Современи македонски уметници “ – „Шашуа Прес“, Лондон, коавтор на монографијата „Триесет години Факултет за ликовни уметности“ – Скопје како и на публикациите: „Крушево – хабитат за човекот“ – Новинарско- правен енвиро центар „Ерина“- Скопје; „Мечката во народното творештво“ и „Голем град“ – Новинарски еколошки центар.

Добитничка е на наградата „18 Мај“ – Меѓународен ден на музеите за музејски проект за 2009 година, во категоријата Надворешен музејски соработник на ИКОМ – Меѓународен совет на музеите, Македонски национален комитет.