Пријави од дијабетичарите: Инспекција ги проверува сомнителните глукомери


Инспекција почнала да ги испитува пријавите од пациентите со дијабетес кои се жалат дека глукомерите (апарати за мерење шеќер во крвта) што ги користат од државата се со сомнителен квалитет. Проверката уследи по пријавите што пациентите ги поднеле од почетокот на мај досега, иако тие подолго време реагираат дека апаратите не мерат точни вредности.

– Во однос на пријавите за апаратите за мерење на гликоза во крвта, кои се добиени во периодот од мај-јуни 2018 година, во тек е инспекциска постапка – потврдија од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД).

Оваа година драстично се зголемил бројот на пациенти кои во Агенцијата пријавиле сомнителни резултати од глукомерите. Од почетокот на 2018 година се поднесени 11 пријави, за разлика од лани кога во цела година до МАЛМЕД е поднесена само една пријава. Годинава речиси се дуплирале и пријавите за несакани реакции од инсулин.

„Во текот на 2017 година до МАЛМЕД се пристигнати четири пријави (во период од 23.11-29.12.2017), а во 2018 година девет пријави за несакани реакции од инсулин. Од вкупно 13 пријави во двете години, осум се однесуваат на проблеми со ефикасноста на лекот и неадекватна контрола на дијабетесот“, ни одговорија од Агенцијата.

И овде била направена инспекција, но таа не ги потврдила наводите на дијабетичарите дека инсулинот е неквалитетен.

„Извршен е инспекциски надзор при што се земени примероци од лековите за контрола на квалитет. Испитувањата се извршени во овластена лабораторија за контрола на квалитет на лекови и истите не покажаа отстапување од спецификацијата за квалитет на лекот“, велат од Агенцијата за лекови.

Од јануари минатата година досега не е повлечен инсулин или медицинско средство со кое се мери гликоза. Законската регулатива е дека лек може да се повлече од промет доколку не е во согласност со условите од Законот за лекови и медицински средства или е штетен за употреба под пропишаните услови. Од МАЛМЕД велат дека медицинско средство може да се повлече од промет доколку не е во сообразност со Законот за лекови и медицински средства и со Законот за безбедност на производите, или доколку медицинското средство не е запишано во регистарот на медицински средства што се води во Агенцијата за лекови и медицински средства.

Пациентите со дијабетес сведочат дека многу често глукометрите покажуваат лажни вредности на гликозата во крвта и тоа им го загрозува животот. Проблемот не е секогаш во апаратите за мерење, туку и во лентите. Се случува со иста капка крв, со две различни ленти, во рок од десет секунди, апаратот да покаже различен резултат.

Глукометрите што сега ги користат дијабетичарите се од тајванско производство, од фирма што не е етаблирана на пазарот. Набавени се според критериумот најниска цена. Пациентите бараат глукометрите што Министерството за здравство ќе ги набави на следниот тендер да имаат имплементиран EN ISO стандард и да ги исполнуваат критериумите за минимални отстапувања од референтна вредност. Од Министерството за здравство најавија дека во тендерот за 2019 и 2010 година ниската цена нема да биде главното барање во тендерската постапка.

С.С.З.