Премиерот Заев на аудиенција кај папата Франциск


Премиерот Зоран Заев денеска во рамки на посетата на Република Италија и на Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, ќе присуствува на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Според агендата, премиерот Заев, кој ја предводи владината делегација во чиј состав се вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, советникот за надворешна политика на премиерот Дане Талески и директорот на Комисија за односи со верски заедници Даријан Сотировски, по средбата со папата треба да оствари средба и со државниот секретар на Светата столица, кардинал Пјетро Паролин.

Претседателот на Владата на Република Македонија, во придружба на сопругата и на владината делегација вчера учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.

Од владината прес-служба соопштија дека двете владини делегации предводени од премиерите Заев и Борисов учествувале на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим.

Со црковната служба на Македонската православна црква, молебен во чест на Свети Кирил, чиноначалствувал митрополит Европски Пимен, во сослужение со митрополит Кумановски и осоговски Јосиф, и митрополит Тетовски и гостиварски Јосиф. Митрополитот Европски Пимен, по црковната служба одржа беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.

Потоа, Заев и Борисов положиле венци цвеќе на спомен плочата во чест на папата Адријан II, во базиликата „Санта Марија Маџоре“ и имале заедничка изјава пред присутните медиуми.

Премиерот Заев во своето обраќање истакнал дека со својот подвиг и мисија, Свети Кирил и неговиот брат Свети Методиј, ја задолжиле тогашната сесловенска христијанска цивилизација, и дека нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава, како и посебно место во историското и духовното наследство и на другите народи на Балканот, како што е нивното достојно место во историјата на Република Бугарија.

– Со заедничките активности за одбележување светите браќа Кирил и Методиј, ние го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на мисијата на Свети Кирил и Методиј, а тоа е порака за дијалог и меѓусебно разбирање, нагласил Заев.

Борисов во своето обраќање истакнал дека со чествувањето на празникот пред плочите каде е осветена нашата азбука се сеќаваме и на тоа колку големи дипломати биле Свети Кирил и неговиот брат Методиј во тоа време, кога требало да го убедат папата Адријан Втори дека треба да се шири словенското писмо.

Премиерот Борисов рекол дека заедничкото учество во активностите за оддавање чест на Свети Кирил со владиците од Македонската и Бугарската православна црква ја потврдува заедничката определба за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, и дека споделувањето и меѓусебната почит кон историските настани и ликови, го градат патот на иднината меѓу двете земји.