Премиера на Скопје танцовиот театар: „Unicorns(Magic world)“ во МКЦ


Вечерва, во 20ч., во Младинскиот културен центар, Скопје танцовиот театар ќе има премиера, насловена „Unicorns(Magic world)“, како последна продукција за оваа 2018 година, кој беше прогласена за „Година на танцот“.

Претставата е составена од два дела, првиот е „trashOUT“ во кореoграфија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, а во неа свое деби имаат студентите од прва година при Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип: Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски и Тања Крстевска, а ќе настапи и Бобан Русески, студент на втора година при УГД.

За кореографијата, авторите ќе кажат: „…Истражување на односот и врските на група луѓе, кои немаат јасна конекција, кое не води до создавање на компактна целина. Време звук и движење. Од ништо-нешто. Константни обиди и повторувања за комуникација на тела…..“

Студентите при Катедрата за современ танц на УГД, имаат извонредна можност својата пракса да ја исполнуваат во соработка со Скопје танцовиот театар и да учествуваат во нови, свежи продукции, воедно и да настапуваат во Македонија и во странство.

Вториот дел на претставата е насловен „АНИМА“ (драфт на претстава по идејите на Карл Јунг) во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчерите. Костимите се на Благој Мицевски. Во „АНИМА“ настапуваат професионалните танчери на Скопје танцовиот театар: Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска и Тринга Хиса.

Претставата се базира на теоријата на Јунг, по која во душата (анима-та) на мажот се содржани четири архетипови на жената, Ева, Хелена, Марија и Софија. Кореографијата е направена врз база на истражување на состојбите и конекциите на ’петте елементи’, т.е. четирите жени и мажот.

„Низ еден забавен процес на осознавање изградивме еден чудесен, волшебен свет на карактери, кои секој со својата „душа“ ни даваат дел од себе“ – Рисима Рисимкин

Претставата е дел од програмата „Инкубатор – Денови на младинска култура“, поддржана од Министерството за култура во проектот „Млади европејци“ и во следните денови ќе биде прикажана на сцената на Мултилмедијалниот центар во Штип, на 14 декември во 19ч., како и во неформалниот простор на Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп на 15 декември, во 19 часот.

Со оваа премиера Скопје танцовиот театар ја заокружува својата годишна продукција и активности, кои годинава, во која тој одбележува седум години од своето постоење, кулминираа со извонредна сезона и гостувања на оваа единствена современа танцова компанија во Македонија на престижини фестивали. Скопје танцовиот театар настапи на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, како единствена компанија во последните триесет години, од регионов која настапила на овој фестивал, рангиран како еден од петте топ фестивали на светската сцена за танц; гостуваше и во Њујорк, на триесет и седмото издание на „Battery Dance Festival“, а последното гостување за годинава, Скопје танцовиот театар го имаше во Пекинг, Кина, каде настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц во октомври 2018. На сите гостувања Скопје тaнцовиот театар доживеа огромен успех, претставите беа испратени со овации од тамошната публика.