Почнуваат карневалските празнувања во Струмица
Утре ќе бидат објавени резулатите од конкурсот на тема карневал што го организира струмичката библиотека, потоа изложба на фотографии од ланскиот карневал и традиционалниот концерт под маски на учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица.
Со традиционалниот маскенбал в петок и изборот на принц и принцеза на струмичкиот карневал традиционално официјално почнува карневалската забава во градот под Царевите Кули. Принцот и принцезата со кралот на струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка в сабота на Интернационалната карневалска вечер и ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.
Во карневалската поворка ќе учествуваат околу 2.000 карневалисти од земјава и странство.
-Ќе имаме 45 карневалски групи од земјава и странство. Имаме учесници од Германија со две групи, Турција, Бугарија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Од нашата држава имаме пријавено учесници од Струга, Кавадарци, Пробиштип, Куманово и Ратево (Беровско), како и групите од Струмица, рече Александар Цицимов, претседател на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал.
Додаде дека и годинава струмичани и бројните гости од земјава и странство ќе присуствуваат на уште едно блескаво издание на Струмичкиот карневал.