Заврши средбата на Заев со Ципрас


Долгоочекуваната средба на премиерот Зоран Заев со грчкиот лидер Алексис Ципрас заврши во Националниот дом на културата во Софија, на самиот почеток на самитот на лидерите на ЕУ со Западен Балкан. Иако Заев и Ципрас се видоа и вчера на средбата на социјалистичките партии, ова се формалните преговори од кои сите лидери тука во Софија чекаат конкретен резултат. Средбата не е во четири очи но во тесен состав и се очекува да трае барем еден час. За средбата има огромен интерес од акредитираните новинари од повеќе земји иако извори од Европскиот совет вчера порачаа дека решение за спорот не се очекува овде.

Непосредно пред средбата на Заев и Ципрас во Националниот дом на културата дојдоа германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј и франускиот лидер Емануел Макрон.

Употребата на новото име само за меѓународна или и за меѓународна и за домашна употреба и промените во Уставот ќе бидат прашањата за кои се очекува дека ќе се обидат да ги решат Заев и Ципрас на оваа средба.Овде од кругови од Брисел се тврди дека на грчката страна нема голем оптимизам дека до јуни ќе се заокружи решението и дека за јулскиот самит на НАТО веќе е доцна, а моќе да има напредок околу датумот за преговори.

Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се проткаени со воздржаност исто така дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.Направен е напредок, но има уште пат да се изоди, напиша вчера грчкиот премиер на Твитер за преговорите за името.

„Со големо задоволство гледам дека лидерите на социјалистите ги поздравија нашите напори за наоѓање заедничко решение за прашањето за името на ПЈРМ. На денешниот состанок на Партијата на европските социјалисти во Софија, тие истакнаа дека само прогресивни лидери можат да го постигнат ова”, напиша Ципрас пред денешната средба со македонскиот премиер Зоран Заев и додаде:

„Им се заблагодарив и признав дека навистина направивме значајни чекори напред, но сепак имаме важни чекори што треба да ги преземеме пред да можеме да постигнеме решение.”

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за грчкиот весник „Та неа“, вчера изрази убеденост дека може да се постигне решение за името и оценува дека во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку тоа што е важно во овој процес е квалитетот на договорот.

„Со оглед на напорите што ги вложија двете страни со посредство на претставникот на ОН, Метју Нимиц, убеден сум дека може да се најде решение. Дали тоа ќе се случи уште во Софија не е одлучувачката точка, тоа што е важно е квалитетот на договорот. Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за поранешната југословенска Република Македонија, туку и за целиот регион“, вели Хан.