Почина британскиот политичар и дипломат Педи Ешдаун


Англија– Британскиот политичар и поранешен висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Педи Ешдаун, почина вчера на 77-годишна возраст.

Британската партија Либерални демократи, чиј лидер беше Ешдаун од 1988 до 1999 година, соопшти дека тој починал по „кратко боледување“. Ешдаун неодамна беше хоспитализиран поради рак на мочниот меур.

Ешдаун беше роден на 27 февруари 1941 година во тогашна Британска Индија. Од 1959 до 1972 година тој е офицер на британската Кралска морнарица, а во политиката се вклучува во 1983 година. Од мај 2002 до јануари 2006 година Ешдаун беше висок претставник на меѓународната заедница во БиХ.

По повод смртта на Ешдаун, британската премиерка Тереза Меј изјави дека тој „посветено и служел на државата“.

– Тој го посвети својот живот на јавната служба и многу ќе ни недостига, истакна Меј.

Поранешниот британски премиер Џон Мејџор, пак, изјави дека Ешдаун бил „вистински патриот“.

– Во Владата Педи Ешдаун ми беше противник, но во животот тој ми беше многу почитуван пријател, нагласи Мејџор.