Побаран притвор за три лица по обвиненијата против Стевче Јакимовски
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје, достави Предлог за определување на мерка – Притвор против три лица, македонски државјани. За лицата постои основано сомневање дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека едно од лицата, се сомничи и за кривично дело Бесправно градење.
Имено, во изминатиот период обвинителството донесе четири Наредби за спроведување на истражна постапка во кои се опфатени повеќе лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на една скопска општина.
Во август 2018 година, обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица заради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, во три постапки за јавни набавки, при што двајца сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување ” од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 во врска со чл. 45, додека тројца од осомничените за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување ” од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.45 од Кривичниот законик. На почетокот од овој месец истрагата е проширена поради постоење на основано сомневање дека поранешниот градоначалник и уште две лица сториле по едно кривично дело Бесправно градење.
За истото кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица кои во 2015 година, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во име и за сметка на општината спровеле јавна набавка за „Обнова на цветен расад на жардињери“ (пролетно и есенско садење – 2015), што било во надлежност на Град Скопје, притоа постапувајќи спротивно на член 48 од Законот за јавни набавки. Во овој случај му овозможиле на правното лице имотна корист на име на јавна набавка во износ од 7.209.600,00 денари без ДДВ на штета на Буџетот на општината.
Во текот на 2016 година искористувајќи ги своите службени овластувања, осомничениот донел Одлука за јавна набавка за изградба на Плоштад Пецо Божиновски Кочо на локација каде според ГУП на Град Скопје 2012-2020 е предвидена примарна сообраќајница. Притоа постапувајќи спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и условите од Тендерската документација, му овозможиле на избраното правно лице- изведувач да се стекне со имотна корист од 20.970.000,00 денари без пресметан ДДВ на штета на Буџетот на општината.
Беше донесена Наредба за за спроведување на истражна постапка против девет лица кои периодот од 2011-2017 година ја злоупотребиле својата службана положба и овластување со преземање на дејствија што не смееле да ги преземат и со пречекорување на границите на своите службени овластувања постапиле спротивно на „Законот за постапување со бесправно изградени објекти“, при што на времени објекти им дозволиле вклопување во урбанистичко планската документација и нивно впишување во јавните книги за недвижности како легални објекти. Воедно овозможиле на правни и физички лица со „Постапка за отуѓување на градежно земјиште сопственост на РМ со непосредна спогодба на сопственици на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение за утврдување на правен статус на бесправен објект врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности“, незаконски да се стекнат со право на сопственост на објекти и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектот. На тој начин, било отуѓено градежно земјиште под објект во сопственост на РМ со површина од 1533 м2, како и градежно земјиште под и околу објект со површина од 722 м2. Во 2016 година овие земјишта како градежно неизградено земјиште имале вредност од најмалку 27.594.000,00 денари, односно 12.996.000,00 денари.
Со оглед на тоа дека се работи за исти кривични дела и период кога биле сторени, а заради спроведување на единствена постапка, предметите се споени во еден предмет.
Воедно, заради непречено водење на постапката, против шест лица за кои постои основано сомневање дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, надлежниот обвинител до Судијата на претходна постапка достави и предлог за определување на мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице или државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање.