Пепиќ, Алими, Дурловски, Додевски и Ченто тврдат дека не се виновни за „27 април“
Во Кривичниот суд во Скопје денеска во рамки на судењето за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, завршни зборови дадоа обинетите Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски и Јане Ченто, кои се товарат за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.
Пепиќ во завршните зборови на судењето истакна дека не е дел од никакво терористичко здружение, туку во Собранието бил службено како разузнавач.
– Не сум нападнал никого. И на снимките се гледа дека не сум нападнал ниеден пратеник. Се повлеков тогаш кога проценив дека ја завршив работата, рече Пепиќ. Додаде дека ја информирал Агенцијата за разузнавање за случувањата во Собранието и активно помагал за извлекување на пратениците.
Обвинетиот Алими нагласи дека на 27-ми април се што направил е со знаење на неговите надредени. Тој нагласи дека на Горан Ѓошевски-Леви му ги дал клучевите од вратите бидејќи не знаел зошто ги бара.
– Јас тој ден бев единствен во собранието и им помагав на сите, рече Алими.
Според обвинетиот Дурловски, судеќкиот совет кога ќе ја носи пресудата треба да се запраша дали, како што тврди, тој држел потпалувачки говори и оти се коцкал со државата за материјални побуди. Тој на судењето денеска истакна дека на 27-ми април ја пеел химната, потоа заминал на ракомет со неговиот син, а кога видел дека има „гужва“ во Собрание, се вратил назад.
– Ако сметате дека со присуството во Собранието сум го прекршил законот, осудете ме. Ако има докази против мене, осудете ме и затоа не побарав амнестија, а не затоа што сум смел, рече Дурловски.
Обвинетиот Младен Додевски изрази жалење за тоа што се случи во Собранието на 27-ми април и подвлече дека со неговото присувство таму, кое било 40 минути, не неправил никакво насилство.
Дали има поголемо насилство од отворање врата на разгневена толпа народ, праша обвинетиот за насилство Јане Ченто, алудирајќи на амнестијата која опфати речиси половина од обвинетите за 27 април. Ченто меѓу другото информира дека го формирал патриотското здружение со цел да се организираат панихиди за борците за Македонија.
– Имав средба со тогашниот директор на УБК на кого му кажав за што е формирано тоа здружение, а тој ми рече да се слушнам со Нинџа. Со Нинџа се видовме и ми рече да не провоцираме никакви националустички чувства, истакна Ченто.
Во завршните зборови тој рече дека имал понуда за работа во УБК, но одбил иако понудената плата била двојно поголема од онаа во УЈП. Посочи дека нема убаво мислење за УБК бидејќи, рече, знае како поминал прадедо му со УДБА, која, според него, не се разликува со денешнава Управа.
– Од МВР и ОЈО ми беше понудено да бидам заштитен сведок за да не бидам гонет кривично. Тоа нема никогаш да го направам. Бевме сведоци како дел од обвинетите и децата ќе си ги продадат за да ги ослободат, рече Ченто.
Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.