Педофил од Македонија го дигна регионот на нозе: Доби отказ и протерување од Дубровник, но не и пријава


Педофил од Македонија, кој бил на привремена работа во Дубровник, го дигна регионот на нозе. Тој на социјалните мрежи праќал перверзни пораки до корисник, за кој мислел дека е 12-годишно девојче, а, всушност, зад лажниот профил стоеле борци против педофилија. Полицијата во Дубровник поднесе кривична пријава против педофилот, но обвинителството ја отфрли, бидејќи жртвата не е таа што се претставувала. Сепак, работодавците на педофилот му дадоа отказ од градежната фирма во која што работел, а доби и протерување од земјата.

Главна улога во откривањето на случајот има организацијата „Стоп на педофилијата“ од Србија. Еден од основачите, во изјава за „Дубровачки дневник“ кажува во детали како се одвивала акцијата.

„Тој испрати повик за пријателство на едно од диверзиите на 12-годишно девојче. Профилот на девојчето е сосема вообичаен, значи нема провоцирање, предизвикувачка облека, мини, деколте и слично. Таа машка личност што во тој момент престојуваше во Дубровник – се јави. Добро знаеше што зборува и што бара од детето. Преписката доволно говори, замислете што би правел со девојчето во стварност“, вели борецот против педофилија.

Македонецот потоа бара од малолетничката да му испрати фотографии каде што таа е гола, ја прашува што носи на себе и и пишува вулгарности и перверзии.

Еден од основачите на „Стоп на педофилијата“ вели дека со создавањето на социјалните мрежи, манијаците добија нови начини како да им пријдат на децата, а тие да им станат лесен плен. Поради тоа, како и поради низата силувања и убиства на деца во Србија, ја формирале организацијата, која сега има десетина оперативци низ цела поранешна Југославија. Користат лажни профили на деца, а како што велат, манијаците први се јавуваат.

„На почетокот секогаш кажуваме колку години има сопственикот на профилот, односно кажуваме дека станува збор за дете, сакајќи да им дадеме шанса да се откажат кога ќе сфатат дека разговараат со малолетник. Но, ретко кога се откажуваат“, посочува борецот против педофилија за „Дубровачки дневник“.

Според неговото мислење, полицијата и останатите надлежни служби даваат се што е во нивна моќ, но проблем гледа во неефективните и застарени закони, поради што рацете често пати им се врзани.