„Патот на Арбр“: Изградба на автопат од Тирана до Дебар


Албанското Министерство за инфраструктура и енергетика денеска потпиша договор со компанијата „Ѓока Конструсион“ за изградба на автопатот „Руга е Арбрит“ („Патот на Арбр“), што Албанија ќе ја поврзува со Македонија кај Дебар.

– Ова е еден многу значаен инфраструктурен објект што нашата земја ја поврзува со Македонија. Изградбата ќе чини 240 милиони евра, а во договорот стои дека државата обврските кон компанијата ќе ги подмири во рок од 13 години. Автопатот треба да биде готов за три години, изјави албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Дамијан Ѓикнури.

Договорот го потпишаа генералниот секретар во Министертвото за инфраструктура и енергетика Гентијан Кери и Рок Ѓока, претседателот на компанијата „Ѓока Конструсион“, чија понуда беше избрана како најповолна на спроведениот тендер.

– И благодариме на Владата и на Министерството за довербата. Конечно се чини Владата почна да им верува на албанските компании. Ветувам дека нема да Ве разочарам и ќе го изградиме автопатот квалитетно и навреме, изјави Ѓока по потпишувањето на договорот.

Инаку, дел од подготвителните работи на автопатот почнаа пред две години, но беа прекинати.

Со изградбата на автопатот, кој се протега од Тирана до граничниот премин „Блато“ на албанско-македонската граница кај Дебар, досегашната оддалеченост се скусува за околу 100 километри и се предвидува да изнесува 82 километри.

Неговата изградба се очекува да го заживее и економски да го развие поширокото подрачје од двете страни на границата, а многу ќе го олесни и патување од Македонија до албанското крајбрежје