Павлопулос за Чамите: Албанија да биде внимателна доколку сака во ЕУ


Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос го заостри тонот кон Албанија околу прашањето за Чамите и ја предупреди „да биде внимателна“.

Грчкиот претседател ја повика Албанија да го почитува законот, човековите и имотните права, како и правата на грчкото малцинство во Албанија.

Павлопулос Чамите ги нарече „дел од нацистичката суровост за време на Втората светска војна“ и оцени дека е незамисливо албанското раководство да го поставува „прашањето на Чамите“.

– Освен фактот дека ова прашање не постои, подобро е Албанија да не не потсетува на тоа што кажува историјата за т.н. Чами за време на нацистичката суровост во Грција, доколку сака да има некаква европска перспектива. Жал ми е што сум директен, но тие најдоа токму на денот на сеќавањето на холокаусотот да се осмелат да зборуваат за Чамите, изјави шефот на грчката држава.

Тој порача дека е многу подобро да не се потсетува на исторјата на „оние кои се појавиле како Чами на грчка територија“. Почитувањето на историјата, според него, е меѓународна основа за пријателство и добрососедство.

Претходно, албанскиот премиер Еди Рама и порача на Грција дека треба да ги прифати барањата на Албанија кога се во прашање Чамите – протерани Албанци од областа Чамарија, и оти треба да се подигне нивен споменик во Грција.