Осомничениот за убиството на новинарката Маринова екстрадиран во Бугарија
Осомничениот за убиството на новинарката Викторија Маринова од бугарскиот град Русе, Северин Красимиров денеска беше екстрадиран од Германија во Бугарија.
Како што јави БТА, Красимиров со редовен лет од Германија пристигна на аеродромот во Софија, каде го пречека тим на затворската стража, која ќе го префрли во градот Русе.
Се очекува по пристигнувањето во Русе, Красимиров да биде притворен и против него да биде поднесено официјално обвинение.
Тој беше притворен во Германија и екстрадиран во Бугарија по барање на бугарските власти.
Минатата недела Обвинителството во германскиот град Целе соопшти дека лицето осомничено за убиството на 30-годишната новинарка наскоро ќе биде екстрадирано во Бугарија.
– Дваесетгодишниот маж призна дека под дејство на алкохол и дрога „ја удрил жртвата“ и ја „фрлил во грмушка“. Тој исто така тврди дека не „сакал да ја убие жртвата и негира дека ја силувал“, наведе Обвинителството.