Најскап спортски спектакл со поп-ѕвезди: „Марун 5“ со настап на „Супер боул“


САД– НФЛ објави дека на полувремето на едно од најгледаните настани оваа сезона, „Супер боул“, оваа година ќе настапат Марун 5, а посебни гости ќе бидат раперите Биг Бои и Травис Скот, пишуваат американските медии.

Понуди за настап биле пратени на Ријана, Пинк и Ники Минаж, но тие го одбиле настапот бидејќи Колин Каепеник бил исфрлен од лигата откако протестирал против полициската бруталност.

Спортскиот спектакл ќе се одржи на 3 февруари во Атланта.

„Супер боул“, големото финале на НФЛ сезоната, од година во година привлекува стотина милиони гледачи од целиот свет. Поголемиот број од нив ги гледаат поради натпреварот, но дел од нив е фокусиран исклучиво на забавниот дел. Цените за рекламите знаат да достигнат и до шест милиони долари за само 30 секунди прикажување на паузите.

Досега американската химна на „Супер боулот“ ја испеале Бијонсе, Леди гага, Гледис Најт, Били Џоел, Пинк, Кели Кларксон, Алиша Киз, Кристина Агилера, Мараја Кери, Фејт Хил, Натали Кол, Витни Хјустон…