Мијалков на суд за апсењето на Љубе Бошковски
Во Кривичниот суд за денеска закажани се рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“ и „Тарифа“.
Судењето за „Тортура“ минатиот пат беше одложено бидејќи во Судот не дојде обвинетиот поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков.
Адвокатот Љупчо Шврговски рече дека Мијалков имал друга адреса на која ќе му се достави поканата за судското рочиште. Додаде дека не ја знае точната адреса, но како што посочи, живее под Панорама на Водно.
Обвинителите од СЈО побараа поканата на Мијалков да му се доставува во четвртоците, кога тој се пријавува во Кривичниот суд.
„Тортура“ се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Во „Тортура” обинети се поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата за апсењето на Бошковски.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
На обвинителна клупа во Кривичниот суд денеска ќе седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица, обвинети во случајот „Тарифа“ за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“, вреден околу четири милиони евра.
Според обвинението на СЈО, обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.