Мицкоски: Македонија не може да си дозволи уште една загубена генерација


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со граѓани и членови на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Тој на средбата се осврна на раселувањето на младите и рече дека државата мора да најде начин да ги сочува во државата, со тоа што ќе понуди решенија за нивните проблеми.

– Македонија не може да си дозволи уште една генерација која ќе биде загубена. Секогаш кога ќе ги погледнам моите студенти гледам луѓе кои едвај чекаат да го завршат и оформат своето високо образование и да се одвојат од својата земја, затоа што велат овие од власта ветуваа многу, и од овој безизлез, излезот е што подалеку. Им одговарам, немојте, почекајте, работите ќе се сменат. Нивното задржување и создавање подобра иднина ќе биде главниот наш предизвик. Ќе понудиме решенија, за да вистински се чувствуваат дома со извесна иднина. Сонот на мојата генерација не успеа да се досонува, но сега ние третата генерација политичари имаме шанса да ги поразиме остатоците од транзицијата и да создадеме подобро општество за младите. Плановите за тоа што ќе правиме ќе бидат содржани во новата програма што е биде нашиот завет за Македонија, истакна Мицкоски.

Тој го опиша едногодишното владеење на владата како катастрофално, со последици кои се чуствуваат и имаат огромно влијание врз граѓаните.

– Имаме урнисана економија, беспарица кај народот, урнисано здравство, земјоделство, образование. Еден голем хаос кој е предизвикан од неспособната влада, и нивната неработа и непосветеност. Немаат остварено ниту едно големо ветување кое ќе го направи животот на граѓаните подобар. Оваа влада е најлошата досега – истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека државата забележува зголемување на долгот, а никаде ги нема парите за кои се задолжува.

– Нема проекти, нема ништо со што можете да кажете подобро се живее. Парите народот не ги гледа. А знаете зошто не ги гледа? Затоа што водат клептоманска политика, затоа што камионите од картелот треба да вртат, луѓето блиски до власта ги добиваат сите тендери, и затоа го укинаа советот за јавни набавки за да може во 4 очи да склучуваат договори. Кога ќе ви кажат дека живот ќе носеле, знајте дека од тоа ништо нема, ќе донесат само бизниси и црни пари за картелот на власт, посочи Мицкоски.

Тој додаде сите обесправени, жедни за праведини, револтирани, репресирани, да дојдат да излезат на големиот протест пред владата на 2 јуни заеднички да се испрати порака до владата дека е доста.