Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром вечерва останаа без струја од невремето, дефектот отстранет


Снабдувањето со електрична енергија во општина Аеродром вечерва е нормализирано откако екипи на ЕВН го санираа  дефектот на електричната мрежа што настана како последица на невремето што во текот на денот и повторно вечерва го зафати Скопје.  

Дефектот на трафостаницата настана од силните атмосферски празнења во тек на вториот бран од невремето што го зафати вечерва Скопје, соопштија од ЕВН.

Скопските населби Лисиче, Ново Лисиче и Аеродром вечерва останаа без напојување со електрична енергија, откако вториот бран од невремето околу 20 часот се врати над главниот град. Силните врнежи пропратени со празнења доцна  вечерва се упатија кон западна Македонија

Невремето со силен дожд и атмосферски празнења предизвика поплавување на повеќе сообраќајници во главниот град и околните места.                                                                                                                                             

Дежурни екипи на ЈП „Водовод и канализација“ вечерва интервенираа со црпење вода од повеќе сообраќајници и подвозници, особено на локациите каде поројниците вообичаено се собираат, како булеварите Никола Карев и Србија. Во попладневните часови дежерните екипи на Водовод вода црпеa од подруми во Сингелиќ, Црешево и Драчево.

Екипи на Противпожаната бригада на град Скопје вечерва интеревнираа на  неколку локации во Скопје  по дојави за поплавени сообраќајници и подрумски простории.

– Најкритични места каде се црпеше вода од силниот дожд беа сообраќајницата кај Алексанадр Палас каде кај подвозникот биле заглавени две возила, кои веќе се извлечени, како и на булевар „Србија“ каде интервенцијата беше отежната поради прекинот на струја.  Противпожарните екипи интервенира и на црпење вода од подрумски простории во населбата Методија Андонов Ченто. Моментно има интервенција на пожар кој  по удар од гром избил во чуварница на браната Св. Петка, доцна вечерва информира Ѕвонко Томевски, командир на ППЕ на град Скопје.

Синоптичарите најавуваат дека во ноќните часови се очекува стабилизирање на временската состојба. Влажната воздушна маса постепено се поместила кон западните и југозападните делови на земјава, каде се уште има поројни врнежи од дожд, проследени со грмежи и со засилен ветер.