Кучан: Македонија покажа доволно храброст во обидот со Грција да изнајде решение за името


Македонија покажа доволно храброст во обидот со Грција да изнајде решение за спорот со името, кое е сложено и кое е неправедно кон Македонија, изјави првиот словенечки претседател Милан Кучан.

Ова прашање, смета тој, не може да биде само билатерално прашање меѓу Македонија и Грција, туку тоа е и прашање  на Европската унија, која треба многу повеќе да се ангажира.

– Но, бидејќи тоа прашање е нерешено долги години и главна препрека за почеток на преговори, или барем една од главните препреки за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ, мислам дека решавањето на тоа прашање би покажало дека Македонија е подготвена да ги исполни условите и да се покаже како веродостојна кандидатка, а од друга страна ЕУ мора да ја покаже својата волја дека сака да ја прими Македонија во своите редови, да ја отвори вратата на Европската унија. Мислам дека досега ЕУ не покажа големо ангажирање и постојано со прст покажувајќи дека треба прво да се решат прашањата во Македонија, вели Кучан.

Друго прашање е, наведува тој, зошто толку се одлага процесот на проширување на Унијата.

– Знаете дека за тоа работите се блокирани, не само во однос на Македонија бидејќи тука, пред се, се барањата на Франција да се посвети повеќе внимание на внатрешните односи во Унијата, внатрешната интеграција, за така во таа нова кондиција ЕУ да биде подготвена да им ги отвори вратите на новите членки, рече Кучан.

Во интервјуто за МИА, првиот словенечки претседател вели дека во регионот и во Европа недостасуваат државници кои ќе бидат подготвени да прифатат одговорност за своите одлуки, имајќи предвид какви долгорочни последици ќе имаат тие одлуки за нивните земји, за населението и пошироко.