Конте ги посочи двете цели пред Челзи


Челзи сака да го освои ФА Купот на Англија и да обезбеди место во топ 4 во лигата, при што приоритетите се подеднакво важни за клубот, изјави денеска менаџерот на клубот, Антонио Конте. Тренерот ја даде таа изјава пред неделниот четврфинален дуел против Лестер за националниот куп.
– Ние треба да ги постигнеме овие две цели, бидејќи тоа може да ја направи нашата сезона не толку лоша. Секој трофеј е важен за нас. Четвртфиналето е само една од фазите пред натпреварот на „Вембли“. Сметам дека треба да сме подготвени, бидејќи ќе има тешки битки до крајот и во двете натпреварувања, рече менаџерот.
Тој беше запрашан дали не е време Тибо Куртуа да седне на клупата, откако имаше слаб натпревар против Барселона. Фановите изминативе денови го упатуваат истото барање и на социјалните мрежи.
– Имаме двајца голмани – Тибо Куртуа и Вили Кабаљеро. Кој ќе покаже подобра форма на тренинзите до натпреварот со Лестер, тој ќе брани. Ние сакаме да дојдеме до следната рунда, па голманот е важен, додаде Конте.