Командант Хоџа: Танушевци сега е безбедно
Се шири листата на заслужните со советничка функција.
Според политиколог Џенур Исени, од образование Хоџа има само јадење „супа со букви“
Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, не е единствениот кој како специјален советник за странски инвестиции стана дел од владата на Зоран Заев. Џезаир Шаќири, попознат како командант Хоџа, до крајот на мандатот ќе му биде советник за безбедност на премиерот. Според одредени албански медиуми, негативните реакции во јавноста беа причината поради која реагираше и самиот Шаќири. Според неговите зборови, премиерот Заев имал две опции, или да го нападне во селото Танушевци или да му обезбеди функција блиску до него, која би била гаранција за неговата физичка безбедност.
„Само што видов кај некои портали дека Заев ми дал работно место во Владата, се обидов да ја објаснам целата ситуација. Откако Заев победи на изборите, имавме политички договор според кој, како гаранција за мојата безбедност, ќе добијам владина функција и ќе бидам блиску до премиерот, а за возврат Танушевци ќе биде ‘ослободено’. Всушност, Заев направи проста математика. Или требаше со сила да го нападне селото или да ме приближи до него и да нема проблеми. Очекувам Заев да го почитува договореното. Читам многу навредливи коментари, но сакам да кажам дека овој договор не е постигнат со нечии гласови, туку благодарение на мојата храброст и храброста на моите пријатели кои десет години беа до мене. Ниту вие ниту вашите лидери не дојдоа да ме посетат и да ме прашаат како сум, држејќи ме далеку од семејството“, напиша Шаќири.
Инаку, откако заврши војната во 2001, година Џезаир Шаќири ја формираше Националната демократска партија и еден мандат беше пратеник во законодавниот дом. Откако против него беа покренати обвиненија за киднапирање, тој избега во родното место Танушевци каде што полицијата немаше пристап.
По ова последно советничко унапредување на бившиот командант, дилемата е како интелектуалната јавност гледа на овие наградувања по разни основи на луѓе кои се несоодветни за позициите што ги добиваат. Во разговор за „Независен весник“ новинарот и политиколог Џенур Исени, иако не верува дека, особено Џезаир Шаќири и Љубе Бошковски се вработени според системот на заслуги, сепак е убеден дека премиерот Заев има добри причини поради кои ги направил овие потези.
„Во контекст на интелектуалниот капацитет на најновите специјални советници во кабинетот на премиерот Заев, тие немаат никаква допирна точка со заслугите и исполнувањето на условите. Можеби едниот има заслуги поради геноцидот над Албанците во 2001 година, и можеби поради ова е награден токму со таа функција. Што се однесува до вториот советник, никој не ги оспорува неговите заслуги во војната во 2001 година додека ги бранеше боите на ОВК, но ги знаеме неговите образовни капацитети. Да не претерам, но ова лице допирна точка со образованието имаше само додека јадеше ‘супа со букви’. Сепак, убеден сум дека премиерот Заев не го вработил без некој интерес што вработениот треба да го исполни. Но, за што точно се работи, многу брзо ќе покаже времето, но во овој случај не се работи за вработување според заслуги“, рече Исени.
И покрај тоа што албанските медиуми во земјава први ја објавија фотографијата како Џезаир Шаќири излегува од владината зграда со плик во рацете, заедно со информацијата дека добил советничко место во премиерскиот кабинет, сепак од Владата ниту ја демантираат ниту ја потврдуваат оваа вест.
Блерим Исмаили