Интервју со Дамјан Манчевски: Нема отпуштени поради политички реваншизам
Александра М. Митевска
Главната разлика од претходниот период и сега е што сега вработувањата се прават во согласност со потребите на институциите, а не согласно потребите на партијата. Затоа што се вработувало за потребите на партијата, сега се соочуваме со вакви проблеми. Затекнавме целосно руиниран систем, вели министерот за информатичко општество и администрација
До каде е процесот на ангажирање на рамковните вработени? Дали тие кадри се попривилегирани од другите поради тоа што со години земале плата а не оделе на работа, а сега може да одбијат работно место, па дури и се комбинација за раководни позиции, иако немаат искуство?
– Како што извести и вицепремиерот за Рамковниот договор, околу 90 проценти од овие вработени имаат потпишано договори, односно ги имаат прифатено понудените работни места. Дали ќе добијат раководни позиции, зависи од тоа по која основа се вработени. На раководно место може да бидат само оние што ги исполнуваат условите. Ако немаат никакво искуство, не може да бидат на раководно место. Мислам дека во овој случај можеби и нема лица што се на раководни места, затоа што за повеќето од нив ова се први вработувања. И за нив важат истите правила како и за сите други што се вработуваат.
Оние, пак, што евентуално ќе го одбијат работното место што ќе им биде понудено, ќе дојдат тука на листата во МИОА, каде што важат одредени прописи. И ако некоја институција има потреба од нив – добро, ако не во догледно време нивниот договор се раскинува.
Процесот се одвива добро, а што се однесува до тоа дали тие вработени се привилегирани или не, би кажал дека ова е грешка од минатото. Проблемот претходно бил апсолутно политички. Не сакале да го решат, и тоа е тоа. Сега, едната опција беше да се избркаат и да имаме 1.600 помалку, што значи проблем со правичната застапеност, а другата да им дадеме работен ангажман, соодветно на нивното образование или ако имаат некакво искуство. Еден од критериумите беше и местото на живеење и нормално потребите на институциите. Гледавме тоа да бидат институции каде што има празни места и досега не се случило да се измислува ново работно место за да се ангажира некој од нив. Сите работни места се постојни и систематизирани.
Дали со ова се заокружува рамковниот принцип за соодветна застапеност. Или, пак, ДУИ очекува нови вработувања, со оглед на отчетот што го барал министерот за економија за тоа колку административци се вработени по смената на власта?
– Не сум слушнал што бара министерот Крешник Бектеши. Според официјалните бројки што ги објавивме во извештајот за вработените во јавниот сектор, над 19 проценти се од албанската етничка заедница, така што за уште некој процент треба да ја поправиме соодветната застапеност. Тоа што е определба на Владата е дека веќе нема да има вработувања по оваа програма К-5. Да, ќе се води сметка за правична етничка застапеност при сите вработувања, ние имаме и обврска согласно методологијата за вработување. Постои софтвер кој се нарекува балансер и ја одредува националноста на секое следно вработување. Можеби звучи грубо, меѓутоа во оваа влада одлуките навистина не ги носиме со пазарење, туку на база на меѓусебна аргументација и доверба. И, како што го решивме овој проблем, ќе го решиме многу бргу и проблемот на балансерот. Тоа нема да значи негово укинување, туку ќе значи гледање на состојбите на ниво на цела администрација. Сега тој ги следи состојбите во секоја институција посебно. И некаде имаме само еден или два проценти правична застапеност, а некаде имаме 30, 40, па и 50 проценти. Илузорно е да очекуваме дека ќе ги избалансираме сите институции да дојдат на дваесет и нешто проценти, според последниот попис. Навистина постои разбирање да ја гледаме администрацијата вкупно како сектор. Тоа ќе значи дека вработувањата ќе бидат исклучиво според образование, искуство, професионални стандарди, ама ќе се земе предвид и етничката припадност, за да успееме уште малку да го кренеме процентот.
Kолку нови вработувања се реализирани во администрацијата по смената на власта?
– Имаме состојба заклучно со 31 декември 2017 година и направивме точно пресек од 1 јуни минатата година, откако ја презедовме власта. Вкупната бројка во јавниот сектор е за 951 помалку, што е првпат по децении да имаме надолна линија, а и бројката на времени вработувања е помала од таа пред 1 јуни.
Дали се времени сите вработувања по 1 јуни?
– Не се сите времени, меѓутоа поголем дел се, токму поради многубројните ограничувања што ги има Законот за административни службеници. Едноставно, моравме да ги почекаме измените за да може да заживее овој закон. Сега во овој период навистина ги мотивираме институциите кога бараат ангажман на одредени луѓе тоа да го прават со огласи за неопределено време, што во одредени професии е многу тешко. Така што, ако одиме со такви договори, со условите што ги нудиме, никој нема да се јави. Заедно со Министерството за финансии се обидуваме да најдеме начин за одредени дефицитарни професии во администрацијата да најдеме начин за нивна дополнителна мотивација, а тоа да не значи нужно зголемување на платите. Се надевам дека овие проблеми ќе ги решиме со посуштински измени на Законот за административни службеници, кои ги најавивме за 2019 година, за дотогаш да ги детектираме, изанализираме и издебатираме многубројните проблеми.
Каква состојба затекнавте во администрацијата кога дојдовте на челната позиција во МИОА, затоа што имаше цели бранови предизборни вработувања, ангажирања некомпетентни кадри?
– Главната разлика од претходниот период и сега е што сега вработувањата се прават во согласност потребите на институциите, а не согласно потребите на партијата. Затоа што се правеле вработувањата за потребите на партијата, затоа сега се соочуваме со вакви проблеми. Некомпетентните кадри не се на раководни места, туку главно се ставани на пониски позиции. И тоа е проблемот со кој се соочуваме и состојбата што ја затекнавме. Имаме целосно руиниран систем. Генерално, имаме превработеност на најниско ниво, а празни раководни позиции. Имаме луѓе што се во администрацијата, а кои согласно законот многу тешко може да напредуваат за да ги заземат овие позиции. Тоа е затоа што е тежок начинот за напредување, затоа што трае многу време и затоа што има буџетски импликации. Ако земеме сега да ги решиме сите проблеми со недостиг на раководен кадар, ќе предизвикаме сериозен удар врз буџетот, а тоа не можеме да си го дозволиме. Затоа, ќе мора да влеземе во една сериозна анализа на Законот за административни службеници. Има цели струки што се бунат затоа што се ставени во една иста рамка, како независните регулаторни тела, НБРМ, здравствените институции, универзитетите, народниот правобранител. Јас ги повикувам сите овие аргументи да ги кажат јавно, а не да доаѓаат кај мене во канцеларија да ми кажуваат. Затоа што бевме предмет на обвинувања дека се обидуваме да ја партизираме администрацијата, да вработуваме партиски кадри… Затоа барам од сите што бараат измени на законот, јавно да го кажат тоа, за да можеме да отвориме дебата во јавноста, за сите да знаат за што станува збор. Постојниот закон во основа не е лош, ако го гледате на хартија, ама е неприменлив кај нас. Не е правен со лоши намери, ама пишуван е во канцеларија, без да се види состојбата надвор.
Околу 140 илјади административци е релативно голема бројка за држава како Македонија, иако претходно се спомнуваа и околу 180 илјади. Како планирате да спроведете рационализација и систематизација без отпуштања и без нови вработувања кога самите велите дека ви фалат стручни кадри?
– Никој не може да знае колку имало претходно вработени. Ние имавме порано одредени податоци што ѝ ги презентиравме на јавноста. Но не е чудно во меѓувреме на дел од тие луѓе што биле ангажирани со договори за времени вработувања да не им се продолжени договорите. Тоа што е денеска бројката 140 илјади не значи дека не била 180 илјади. Во тоа време, иако сите баравме, вклучително со ЕК, бројката беше државна тајна. Првпат се објави извештајот на крајот на 2016 година. Оттогаш овој извештај, иако не ни е законска обврска, ги содржи и бројките на вработени во акционерски друштва во државна сопственост и вработените со договор за дело. Тоа беше и најголемата основа за манипулација со вработените кои се условуваа со политичка поддршка за продолжување на договорите. Да биле искрени со тие луѓе, од кои дел можеби ги исполнувале професионалните стандарди, ќе си беа вработени со трајни договори и ќе ги имавме и денес овде. Што правиме сега. Функционалните анализи треба да ни кажат што ни недостига, а што имаме вишок. Ќе се прегрупираме и реорганизираме внатре. Сѐ што нема да може да се прераспредели, ќе биде понудено, по сопствена волја – не принудно, да се префрли во реалниот сектор, каде што и ние ќе субвенционираме во еден дел, а и компаниите ќе имаат одредени обврски кон тие луѓе. Ние сме социјалдемократски ориентирана влада и затоа ќе се оди на тоа компаниите да им даваат повисоки плати, што е и една од мерките за зголемување на просечната плата.
Од друга страна, опозицијата обвинува за чистки и масовни отпуштања од администрацијата?
– Јас и на интерпелацијата им кажав дека сакам еден пример со име и презиме и институција на вработен на неопределено време кој е отпуштен. Дојдоа со една поранешна пратеничка и со ќерката на еден актуелен пратеник од опозицијата. Јас лично се ангажирав и го испитувам случајот со пратеничката, додека ќерката на господинот Крсто Јовановски била ангажирана времено и договорот ѝ истекол. Сите оние за кои опозицијата нѐ обвинува дека ги загубиле работните места биле ангажирани на определено работно време. Ако некоја институција проценила дека има сѐ уште потреба од овие луѓе им го продолжува договорот, ако нема потреба, а детектиравме дека масовно се вработувало на ваков начин – без никаква реална потреба, тие договори нормално дека не се продолжуваат. Втора работа, кога зборуваат за раководните кадри во одредени институции и тоа го проблематизираат. Во нашиот систем, одредени раководни позиции, кои сега уште постриктно ќе ги додефинираме, се политички именувања, од страна на Владата. Тие раководни лица треба да ја спроведуваат програмата на оваа влада. Ако одиме по нивната логика, ние требаше да го ставиме Христијан Мицкоски да биде директор на ЕЛЕМ и да ја спроведува политиката на оваа влада. Затоа, сакам да потенцирам дека ниту еден не го загубил работното место од реваншизам и политички причини.
Кога сме кај политичките именувања, по кои критериуми Љубе Бошкоски излезе најкомпетентен за советник на премиерот за странски инвестиции? И зошто е потребен советник за таа област кога има неколку министри без ресор ангажирани на таа проблематика?
Право на премиерот е да избере кого ќе ангажира за советник и за која област. Ние од една страна ги прекинавме сите пропагандни кампањи, па и за привлекување странски инвестиции. Ефектите што ги постигнавме за само десет месеци, во кои имавме и избори и бојкот на опозицијата, се десет потпишани договори со странски договори, а осум се во тек и веруваме дека ќе бидат многу брзо реализирани. До крајот на годината, сигурни сме дека ќе имаме над 23, колку што потпишала претходната влада за целиот нејзин мандат со потрошени 245 милиони евра. Ако ние успееме да ги постигнеме овие резултати со тројца министри и со тројца советници, наместо да трошиме 235 милиони евра за промотори, тогаш тоа е одличен резултат.
Што ќе значи новиот закон за аудиовизуелни услуги за медиумската сфера, а особено за очекуваната санација и реформа на МРТ?
– Пораката што ја праќаме цело време е дека не треба Владата или министерот за информатичко општество да се мешаат во реформата во МРТ, туку дека создаваме простор за професионалците и за луѓето од фелата да си ги заземат местата и во Агенцијата за медиуми и во Програмскиот совет на МРТ, во јавна, транспарентна процедура за избор со двотретинско мнозинство во парламентот. Нашите раце се тргаат од МРТ и од Агенцијата за медиуми со донесувањето на законот. Тие луѓе што ќе бидат избрани ќе треба потоа да изберат менаџерски тим, кој ќе каже што треба да се преземе со МРТ, колку пари се потребни, но и зошто се правени толкави долгови, а состојбата е таква каква што е.