Изгубени клучните сведоци за прислушувањето
Одлуката на Врховниот суд на Атина да не ги екстрадира поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, ги „разниша“ судските процеси во Македонија што се водат против нив за масовното нелегално прислушување, но и процесите против поранешните владини функционери. Пензионираниот помошник директор на Бирото за јавна безбедност, магистер Љубомир Ѓурчески, вели дека со одбивањето на барањето за екстрадиција, правосудните органи ги изгубија главните извршители на масовното прислушување и клучните сведоци, кои треба да дадат објаснување како прислушувале, што следеле и кој им издавал наредби.
„За мене како експерт, неиспорачувањето беше очекувано. Јас во многу свои настапи тоа го најавив, од проста причина што Грујевски и Бошкоски имаат доволно разузнавачки податоци што се интересни, значи имаат со што да се пазарат пред грчките органи и кој било друг орган. Не е исклучена можноста да добијат и политички азил во Грција“, вели Ѓурчески.
Тој вели дека нивното бегство во Грција не е случајно и дека зад него стојат лица од претходната власт.
„Организираните криминални групи кои владееја во Македонија со цел да купат мир за себе, им го купија мирот на Грујевски и Бошкоски, секако во договор со некои високопозиционирани структури во Грција од делот на бизнисот, за кои претпоставуваме, не тврдиме, дека Грујевски и Бошкоски имале прислушувани податоци“, коментира Ѓурчески.
Грчкиот суд минатата недела го одби барањето на Министерството за правда, повикувајќи се на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, иако тој подоцна самиот си ја поништи. Грчкиот суд образложи дека според европското законодавство, кое се применува во Грција, на еднаш помилувани лица не може повторно да им се суди за истото дело. Последната информација од Министерството за правда е дека Македонија нема право на жалба на оваа одлука, но сепак има право да поднесе ново барање за екстрадиција. Последниот збор за екстрадицијата во Грција го има тамошниот министер за правда, но сепак не се очекува промена на оваа одлука.
Професорката Мирјана Најческа вели дека во оваа ситуација проблемот веќе не е правен, туку дипломатски, бидејќи правно Македонија нема друг начин за нивна екстрадиција, освен да ги бара за друго кривично дело.
„Вообичаено е сега државата да преземе мерки на реципроцитет, односно да не ги испорачува грчките граѓани кои се бараат во Грција“, вели Најческа.
Аболицијата на Иванов им отвора можност и на преостанатите обвинети политичари, кои се најдоа на листата на над педесетина помилувани, да се жалат пред Европскиот суд за човековите права во Стразбур.
„Јас очекувам судските органи да ги потврдуваат осудителните пресуди, но целата таа работа потоа ќе излезе надвор од Македонија, пред Европскиот суд за човековите права. Дел од тие лица што ќе бидат осудени можеби ќе почнат со извршување на казна, но по правосилноста на пресудите очекувам да се жалат пред Судот во Стразбур“, вели Ѓурчески.
Грујевски е првиот осуден на затворска казна во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство на една година и шест месеци затвор, но кога Судот ја донесе пресудата тој веќе беше избеган во Грција и му беше пресудено во отсуство.
Затворската казна ја доби за предметот „Тврдина 2“, односно за уништувањето на документацијата и опремата за прислушување, но во Македонија го чекаат уште два судски процеси за масовното прислушување „Тврдина – Таргет“ и „Трезор“, за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани и за набавката на опремата за прислушување преку британската фирма „Финзи“.
Ѓурчески порачува дека Македонија мора да расчисти со организираниот криминал и со како што вели, „политичката полиција“.
„Политичката полиција во Македонија составува влади, руши влади и таа не дозволува нормален кадар во Македонија да напредува. Тие се водат под мотото ‘секој што не е со нас е против нас’. Треба да се има храброст еднаш засекогаш да се стави под контрола таа политичка полиција. Ова што досега е направено во судските реформи е нула“, вели Ѓурчески.
Тој препорачува ДБК да се тргне настрана, да се формира агенција во состав на Владата која нема да има полициски овластувања и која би имала политичка одговорност.
Во меѓувреме, Грујевски и Бошкоски остануваат слободни граѓани во Грција, чекајќи ги постапките за нивно барање за политички азил и за лажните пасоши со кои беа фатени во Грција.
Досега 14 пресуди за случаите на СЈО
Вкупно 14 пресуди досега се изречени за случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство.Во последниот објавен шестмесечен извештај за работата на ова обвинителство, кој беше објавен пред изрекувањето на затворските казни за поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој доби две затворски казни, стои дека по поднесените обвиненија се донесени вкупно 11 пресуди. Од овие 11 пресуди, само една пресуда е затворска казна и тоа за поранешниот разузнувач Горан Грујевски, осуден во отсуство.
Но, минатата недела само во два дена беа изречени три затворски казни – една затворска казна од девет години за Поповски за набавката на 300 полициски возила, две години затвор доби Груевски за набавката на луксузниот „мерцедес“, а за овој случај Поповски доби уште една затворска казна од шест години и шест месеци.
Другите изречени казни во случаите на СЈО се алтернативни мерки – условни осуди за 10 лица, од кои донесени се пресуди врз основа на признание на вина за четири лица во три различни предмети. Условна казна доби новинарката Ивона Талевска обвинета во случајот „Тифани“, која се товареше за даночно затајување во износ од околу 50 илјади евра. Пресуда за признание на вина пак имаше во случајот „Насилство во Центар“.
Груевски прв осуден поранешен премиер
Со изрекувањето на пресудата од две години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, Никола Груевски стана прв поранешен премиер осуден на затворска казна. Тој е прв премиер осуден при извршување на премиерската функција, додека поранешниот премиер, Владо Бучковски, беше осуден за „тенковски делови“, дело што му се ставаше на товар додека беше министер за одбрана.
Според слободните проценки, Груевски се соочува со околу 20 години затвор за уште четири обвиненија за кои го товари Специјалното јавно обвинителство.
Во случајот „Титаник“ е обвинет за најмногу кривични дела и се соочува со највисока казна затвор. За делото злосторничко здружување, на Груевски како првообвинет му се заканува затворска казна до пет години, за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања е пропишана затворска казна од најмалку пет години, а за повреда на избирачкото право, затворска казна од најмалку три години. Судот може да го осуди со единствена казна затвор за ова обвинение.
Во случајот „ТНТ“, односно за рушењето на комплексот „Космос“, Груевски е обвинет за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, за што е предвидена затворска казна од најмалку три години. За провизиите за автопатиштата во предметот „Траекторија“, Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание, за што е предвидена затворска казна до три години. За предметот „Насилство во Центар“ Груевски може да добие три години казна затвор како организатор на протестите.
Сите овие пресметки се хипотетички и може да бидат променети во зависност од текот на судските процеси. Против него се водат истраги и за случајот „Талир“, односно за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и за пропаднатиот попис.
Досега во Македонија не бил осуден ниту еден актуелен премиер, а Зоран Заев е единствениот против кого се водеше судски процес додека е на власт. Минатата недела судот го ослободи од обвинението за барање поткуп.
Фросина Факова – Серафиновиќ