Иванов бара да биде информиран за процесот на преговори за името


До претседателот Ѓорге Иванов нема доставено информација за договорената рамка за надминување на спорот за името, на која вчера се повика министерот за надворешни работи Никола Димитров, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

– До Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема доставено информација за договорената рамка за можно решение на разликата околу името, ниту информации за последните две средби на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, одржани во Брисел и во Њујорк. Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не е информиран ниту за составот, ниту за работата на правните тимови од двете земји во Атина на текстот на билатералниот договор, наведуваат од кабинетот на Иванов.

Воедно, се посочува дека до неговиот кабинет претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името Република Илинденска Македонија, иако шефот на државата побарал да добие писмен документ за последниот тек на настаните поврзани со спорот за името.

Кабинетот на Претседателот, се додава, во неколку наврати претходно побарал до него да бидат доставени документи поврзани со текот на разговорите, вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција, оценувајќи дека, како што се наведува, се врши селективно информирање на македонскиот претседател.

– Очекувам барем основниот документ на кој се гради овој предлог, а тоа е првиот што го дала грчката страна, да го имаме на увид, за да знаеме за кои прашања воопшто се разговара. Јас досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија, изјавил претседателот Иванов пред 10 дена, по информативниот состанок на државно-политичкиот врв, се посочува во соопштението од кабинетот на Претседателот.