Зиане Бакиу, дизајнерка на славните невести: Го носам Холивуд во Скопје


Во сезоната на свадби, но и во текот на цела година, нејзиното име е на врвот на најбараните дизајнерки на венчаници кај нас. Зиане Бакиу, која е присутна на модната сцена 26 години, е синоним на модели со различен сензибилитет, карактерно и стилски дефинирани, со акцент на уникатноста. Изработени од различен опус на материјали, со рачна доработка, колекциите со нејзин потпис се наменети за невести кои точно знаат што сакаат. Магијата на љубовта е во преден план, како и самиот момент на заљубување во фустанот што ја означува посебната ноќ во животот на секоја невеста, вели Зиане, чие ателје во Скопје цела година е актуелно за идните невести.

Актуелна си со новата колекција на венчаници. Прикажа четири модели на Модната ноќ за невести во Скопје и веднаш предизвика внимание во јавноста. За тебе велат дека правиш холивудски венчаници или раскошни венчаници, како оние на Ели Сааб и на Зухаир Мурад во светски рамки. Побарувачката диктира таков стил на венчаници или тоа е твојот избор?

– Мислам дека кај мене навистина доаѓаат невести што го разбираат мојот стил и мислам дека и тука е половина тајна на успехот. Се трудам навистина да нема никаква разлика моите клиентки да изгледаат светски и во тренд, бидејќи моите материјали се уникатни и доаѓаат од фабрики што произведуваат материјали за висока мода.Во моето студио најбарани се креациите од холивудските црвени килими или од ревиите на Ели Сааб и „Проновиас“, а и трендовите за сезоната 2018-2019 најавуваат венчаници како за ноќта на оскарите. Богати, лелеави, од внимателно избрани материјали,како природна свила, сатен, везена тантела, тил. Сето ова, збогатено со рачно везени детали, со додавање оригинални кристали „сваровски“, бисери и сл.

Што е тајната на успешната венчаница? Добриот материјал, извонредната изработка или умешноста со клиентот?

– Тајната за една успешна венчаница е во многу нешта, пред сѐ, во добриот материјал и, нормално, многу труд и максимална посветеност на секоја клиентка посебно.

Речиси сите сопруги од политичката елита носеа твои венчаници на свадбите. Почнувајќи од госпоѓите Груевска, Фрчковска, Ставревска, Тодорова, Сарачини, на Ермира Мехмети, сопругата на вицепремиерот Бујар Османи и многу други. Дали клиентот е попребирлив колку што е популарен или тоа е заблуда во јавноста?

– На секој клиент му приоѓам со должна почит и со внимание. Не ги делам на познати и на непознати. Сум имала ситуации одредени личности да не ги препознаам како сопруги на политичари. Значи, тие мене ме избираат, а не јас нив. По препорака од роднини или од пријателки. Ме почитуваат, и јас нив. Заблуда е дека се привилегирани. Редовно доаѓаат на проби, разменуваме мислења.

Колку трае изработката на една венчаница?

– Моите венчаници се раскошни и комплицирани. Изработката трае со денови, месеци и сите се рачна изработка.

Дали ги советуваш идните невести или исклучиво ги почитуваш нивните желби?

– Ситуациите не се секогаш исти кога е во прашање советувањето на невеста, меѓутоа, поголемиот дел ги почитуваат моите сугестии, бидејќи многу често доаѓаат со една замисла и, со наша помош, излегуваат со сосема друга креација.

На што треба да внимаваат идните невести?

– Мислам дека идните невести не треба да претеруваат, да го менуваат својот стил, треба да внимаваат на своите пропорции, што е убаво – да се покаже, а што не – да се избегне. Треба да имаат во предвид и неколку фактори: сезоната, локацијата и целосниот концепт на свадбата пред да одберат венчаница.

Твоите клиенти се само од Македонија или и од странство?

– Претежно се од Македонија, од сите градови, но во исто време и наши граѓани привремено вработени во странство. Исто така и познати личности од Косово, Србија, Хрватска, итн.

Зошто сѐ поретко те има на ревиите?

– Убаво е да се биде активен на ревиите, и така ги нема многу. Меѓутоа, секој месец соработувам со некоја позната личност, така што мислам дека тоа е многу добра реклама за мене.

 Колку ја следиш модната сцена кај нас?

– Колку што ми дозволува времето, ги следам модните настани кај нас и мислам дека во условите во кои живееме, има голем напредок.

За тебе велат дека си една од најскапите на модната сцена. Се живее ли добро од дизајнерската работа?

– Со оглед на квалитетот и на професионалноста што им ги нудам на идните невести, мислам дека сме далеку од цените на Запад. Како што вели народот: „Наше, а светско“, со сите нијанси и тоа што многу често ни доаѓаат идни невести со фустани од високата мода, кои се претежно скапи, а сакаат да се направени по многу пониска цена, а во исто време секој детаљ да биде ист.

Лејла Сабит    Ф ото: Б. Грданоски