Запленети 46 килограми марихуана, дилерот приведен


Полицијата во Тетово го приведе  54-годишниот тетовец Н.И  откако вчера во периодот од 12 до 22 часот и 30 минути изврши претрес во неговиот дом  и помошни простории лоцирани на улица „Михајло Рајчевиќ“ во Тетово и на улица „29 Ноември“,  каде е пронајдена марихуана.

– При првиот претрес, реализиран со судска наредба, на кој присуствувал и јавен обвинител, во една од собите е пронајдено над еден килолграм марихуана, 13 литри засега непозната течност, дигитална вага, дрвена дробилка, шприцеви и повеќе други предмети, кои се фото и видеодокументирани, и подигнати за вештачење. Во вториот претрес, во малата куќарка, пронајдени се околу 45 килограми марихуана, набавена, според Н.И, од лице од Република Албанија, соопшти денеска МВР.

Педесет и четиригодишниот тетовец Н.И, е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Тетово, стои во соопштението, а во текот на денот ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово.