Заев: Иванов и ВМРО-ДПМНЕ не можат да ги надминат својата немоќ и фрустрации


Ѓорге Иванов и опозицијата не можат да ги надминат својата немоќ и фрустрации. Несериозно е на таков начин, како вчера од Мечкин Камен, цинично да се испраќаат пораки. Само политичка фрустрација е однесувањето на така високи функционери.  ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата се крстеа во референдумот повеќе од една деценија, му кажуваа на народот дека граѓаните ќе одлучуваат на тој начин, а денес не смогнуваат сили да повикаат на референдум, рече премиерот Зоран Заев во денешното отворено студио на 1тв од Охрид.
Заев соопшти дека со Иванов се видел два дена пред чествувањето на Илинден во Крушево. Имале состанок кој, како што истакна, бил пријатен, а се разговарало за регионални и многу важни државни прашања, важни за безбедноста, иднината, актуелните моменти. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго.
Според премиерот, некои од лицата што го предизвикаа вчерашниот инцидент во Крушево биле и во Собранието на 27 април. Тоа е мала група, оцени Заев, од 50-на лица, исфрустриани и мотивирани од некого да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО-ДПМНЕ, а и физички се насилни. Сепак, смета Заев, овие луѓе имаат одредена цел.
– Со Иванов имавме пријатен состанок, поразговаравме за очекувањата на Мечкин Камен. За жал, се случија мотивации од самиот говор на претседателот, лица, веројатно под дејство на алкохол, да шират омраза , рече Заев.
Тој порача дека во овие моменти на Македонија и треба единство, а обврска на политичарите е да бидат мудри и на земјата да и обезбедат добра иднина.
– Сите сме должни да им овозможиме на граѓаните референдум, да си го кажат тоа што е битно за нивната држава. Тоа а врв на демократијата. Сите знаеме дека нема подобра иднина за Македонија од евроатлантското интегрирање, но тоа не е можно без решен проблем, истакна Заев.
Претседателот Иванов, како што дополни премиерот, бил постојано информиран за текот на разговорите со Грција.
– Јас сум сериозен човек и мојата фунцкија е одговорна. Иванов беше информиран, а и шефот на опизицијата, но не сме сите таму да преговараме. Преговараат премиерот и министерот за надворешни работи. Се водевме од најпатриотското, да обезбедиме иднина, а да ги зачуваме нашиот идентитет, култура, наследство. Иванов беше информиран, имаше и лидерски средби. Тоа го правеше и премиерот на Грција, по разговорите одеше кај претседателот на државата и партиите, така прават сите држави во светот, рече Заев.
Тој јавно праша, зошто 11 години опозициските партии на Грција и Македонија не направија договор за името и каде беше претседателот досега.
– Мора да бидеме одговорни, ова не падна од небо. На крајот, сепак, одлучуваат граѓаните, а тие, како што секогаш носеле исправни одлуки, и сега ќе ја донесат најисправната одлука зашто ова е максимално добро за Македонија, а Договорот со Грција е фер, потенцира премиерот Зоран Заев.