ДУИ не е за референдум за името да не стане дневно-политичка тема
Има разлики меѓу СДСМ и ДУИ околу најавуваниот референдум за името кога ќе се постигне договор со Грција, посочија денеска премиерот Зоран Заев и неговиот заменик Бујар Османи, на брифинг со новинари.
Сепак, тие рекоа дека тоа не е проблем за коалицијата и дека е нормално да има различни мислења за кое било прашање околу кои се дебатира за да се заземе заеднички став.
Заев рече дека засега не се размислува околу можното референдумско прашање, бидејќи, како што наведе, се уште е далеку таа фаза од надминувањето на долгогодишниот спор. Тој смета дека владејачките партии и опозицијата би требало да го организираат заедно референдумот, бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ се залага за плебисцитарно изјаснување.
Османи, пак, рече дека и ДУИ можеби би се вклучила во референдумот, ама дека нејзините резерви по тоа прашање се поради ризикот името да стане дневно-политичка тема, така што некои политички субјекти кои се залагаат за решение би можеле да почнат да ги менуваат ставовите.
„Исто така, не се исклучени влијанија од надовор, а референдум во земјава би можел да повлече и референдум во Грција. Со тоа би се искомплицирала ситуацујата“, изјави Османи.