Доделени првите грантови за домашни компании


Фондот за иновации и технолошки развој ги додели првите грантови за 80 микро, мали и средни компании преку мерките од третиот столб на владиниот план за економски раст. Чековите со добиените средства вчера им ги врачија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Со повикот на Фондот се предвидува до крајот на оваа година да бидат пласирани 10,5 милиони евра за кофинансирање со четири мерки. Првата мерка е за брзорастечки компании „газели“ со по 10 милиони денари, односно 30 отсто од вкупно вложените средства за набавка на нова опрема и финансирање на развој на нова технологија. Со втората мерка се опфатени микро компании до пет вработени на кои им се нудат до пет милиони денари или 30 отсто за набавка на технологии и изградба на хали.

Третата мерка е наменета за компании во доминантна сопственост на македонски граѓани на кои им се нудат до 20 милиони денари или 70 отсто од вкупните средства инвестирани во инвестициски проекти и маркетинг. Четвртата мерка е за поддршка на млади до 29 години за усовршување во странство на кои државата им нуди до милион денари.

Премиерот Заев порача дека Владата еднакво ги помага и домашните и странските компании и останува партнер во реализација на нивните планови. 

„Ова е позитивен пример кој треба да ги мотивира и другите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во инвестиции“, порача премиерот.

За вицепремиерот Анѓушев, присуството на голем број компании покажува дека Македонија има млади иновативни луѓе, а компаниите што добија грантови сакаат да ги видат извозноориентирани и успешни.

Директорот на Фондот, Деспотовски, посочи дека на повикот се пријавиле вкупно 236 компании, а апликациите се разгледале за краток временски период.

„Видовме навистина добри проекти од компании од повеќе сектори. Тие за секој 1,4 денар инвестиција од државата, инвестираат еден денар. Најголемиот дел од компаниите се од Скопје, а има и од Струмица, Неготино, Прилеп…“, рече Деспотовски. Тој најави нов повик на есен и ги повика компаниите што аплицираа, а не добиле средства, да се јават на новиот повик.