Дали Чавков планирал да бега?


Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков три дена пред да ја слушне пресудата за крвавиот четврток, исто како и неговиот поранешен шеф Сашо Мијалков, е вратен во затворот во Шутка откако обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побара, а судот му одреди триесетдневен притвор. Прашањето што се наметна во јавноста по неговото притворање е дали Чавков планирал или не бегство и дали има цврсти докази за тоа. Обвинителството побарало притвор за Чавков врз основа на службена белешка што ја добиле од Бирото за јавна безбедност, според која сакал да избега во неговата вила во Халкидики пред да биде изречена пресудата.

Информацијата за неговиот план, според белешката, ја дознал припадник на единицата „Алфа“ од близок пријател на Чавков кој му кажал дека има вила на Халкидики и дека планира да избега пред да му биде изречена пресудата. По неговото притворање, реагираше семејството на Чавков, а најжестока беше неговата ќерка Зорица Чавкова, која тврди дека не поседуваат никаква вила на Халкидики. И, како и демонстрантите од „Шарената револуција“ кога апелираа „нема правда, нема мир“, со истата парола и таа побара правда за татка си.

„Ќе си лежи оној што ја измисли вилата на Халкидики. Не знам дали тие што му дале задача да измисли една таква службена белешка му објасниле какви ќе бидат последиците спрема него. Се работи за класична местенка и тоа ќе го докажеме“, пишува ќерката на поранешниот директор на БЈБ. Таа се обрати и на дипломатскиот кор во земјава тврдејќи дека нејзиниот татко е жртва на политички прогон.

„Апелирам до вас да го разгледате целиот случај и да излезете со поддршка, не поради Митко Чавков, туку заради правото и владеењето на правото во оваа држава“, напиша ќерката на Чавков, уверена дека на 27 април тој спасувал пратеници, а не дека раководел со државен удар..

Обвинителката што го води овој случај, Вилма Русковска, во изјава за „Независен“ вели дека информацијата дека Чавков сака да бега ја добиле од полицијата.

„Ние како обвинителство не можеме да си дозволиме да игнорираме информација за нечие евентуално бегство. Ако уште некој ни избега од државата, би било навистина премногу и целата вина ќе падне врз обвинителството. Дали поседува вила на Халкидики е споредно прашање. Главното е дали се спремал да бега. Во овој момент како обвинителство не можеме да спроведуваме истрага за тоа затоа што бара време, кое го немаме. Од тие причини и ја прифативме службената белешка од полицијата, и тоа не само ние, туку и Судот“, ни изјави Русковска.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, не потврдува и не демантира ништо и за сите информации упатува во Обвинителството.

Адвокатот на Чавков, Сашо Дуковски, тврди дека Чавков не поседува вила ниту на Халкидики ниту било каква недвижност во Грција.

„Излезен е со гаранција од 600.000 евра со недвижности, што би пропаднала доколку се даде во бегство, а таа гаранција е дадена од негови најблиски роднини. Пасошот му е одземен и се наоѓа во судот, каде што се јавува секој вторник во девет часот наутро. За 11 месеци од кога е излезен од притвор ниту една минута нема задоцнето на судење или на каков било начин го опструирал судењето. Каква е законитоста на ова решение оставам да ценат правните експерти. За мене ова е целосно незаконито, особено ако се има предвид дека притворот се определува три дена пред изрекување на пресудата и ова е порака дека ќе биде осудителна пресуда со екстремно висока казна за Чавков“, вели неговиот адвокат.

Обвинителството го товари Чавков дека го организирал нападот во Собранието на 27 април по наредба на поранешниот премиер Никола Груевски. Во завршните зборови Русковска рече дека од сведочењата на повеќе сведоци во судницата се покажало дека Чавков свесно не преземал никакви дејствија за справување со ситуацијата и дека ништо таа вечер не било случајно.

Митко Чавков беше во притвор кога беше покренато обвинението, но пред околу 11 месеци излезе од Шутка со гаранција од 600.000 евра и речиси во текот на целиот судски процес беше на слобода.

Според сведочењето на Александар Василевски-Нинџа, кој исто така е обвинет за крвавиот четврток, Чавков на 27 април минатата година, во периодот од 18 до 19.15 часот бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде што заедно со високи функционери на партијата, меѓу кои поранешната заменик-министерка за правда Билјана Биршкоска-Бошковски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и поранешниот директор на УБ, Владимир Атанасовски го командувале крвавото сценарио што се случи во Собранието. Според обвинението, Чавков наместо да им дава команди на полицајците да го спречат, до нив стигале наредби да не дејствуваат, односно немо да го следат хаосот што го следеше цела македонска јавност.

В петок судијката Добрила Кацарска ќе ја соопшти пресудата за 17 обвинети за упадот во Собранието, а се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Овие обвинети или не добија амнестија или не побараа, а останатите обвинети, меѓу кои и пратениците кои ги отворија вратите на Собранието, со селективниот закон за амнестија беа помилувани. Утре пресудата за кривичното дело за кое е предвидена казна затвор од над десет години, освен Чавков ќе ја слушнат обвинетите Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

За организација на крвавиот упад, пак, осомничени се поранешниот премиер, Никола Груевски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Вељаноски се спаси од притвор поради пратеничкиот имунитет, Груевски е во бегство, во куќен притвор е Јанакиески, а Ристовски и Атанасовски се во истражниот затвор во Шутка. Освен Груевски, на институциите им избега и осудениот за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, Никола Војминовски.

 

Груевски: Заев му се одмаздува на Чавков за случајот „Поткуп“

Целиот прогон против Митко Чавков е лична одмазда на Зоран Заев кон него заради предметот „Поткуп“, пишува поранешниот осуден премиер Никола Груевски на Фејсбук.

Според него, обвинителството предвреме знае пред судијката да пресуди дека судот ќе го осуди Чавков за виновен. За Груевски е спорно тоа што Чавков и Мијалков, како луѓе кои ја водеа акцијата во Диво Насеље, се наоѓаат во ист затвор со осудените за овој случај.

„Припадници на таа група, која има сериозна контрола во затворот ‘Скопје’, најпрвин ги нападнаа и им нанесоа физички повреди на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски токму во истиот затвор каде што СДСМ сега ги смести токму Митко Чавков и Сашо Мијалков, кои долг период беа главни стожери на безбедноста во Македонија. Таа група веднаш по претепувањето на поранешните министри јавно објави на Фејсбук дека секој функционер од владата што ја предводев ќе го снајде истото како Јанакиески и Ристовски ако дојде кај нив, а дека мене ќе ме нашле ‘на крајот на светот’“, пишува Груевски.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски