Грчкиот корупциски скандал Новартис „тежок“ околу 50 милиони евра
Околу 50 милиони евра е висината на нелегални исплати за периодот 2006-2015 во случајот со фармацевтската компанија „Новартис“, јави дописникот на МИА од Атина.
Десеттемина поранешни грчки функционери, а дел од нив актуелни пратеници, се под истрага за три дела: поткуп на политичари, пасивен поткуп и злоупотреба на службена должност.
На вонредна седница на грчкиот Парламент попладнево беа соопштени имињата на политичарите кои се споменати во предметот во истрагата за случајот со швајцарската компанија.
Како што утрово објави МИА, грчките медиуми пишуваа дека се вмешани 10 лица, од кои двајца поранешни премиери и осум поранешните министри за здравство, финансии и развој, од редовите на Нова демократија и Сегрчкото социјалистичко движење (ПАСОК). Овие информации и јавно ги потврди потпретседателката на Парламентот на денешната седница.
Станува збор за Андонис Самарас, кој беше премиер од јули 2012 до јануари 2015 година, Панајотис Пикраменос, службен премиер од мај до јуни 2012, Димитрис Аврамопулос, министер за здравство од 2006 до 2009, Андреас Ловердос министер за здравство од септември 2010 до мај 2012, Андреас Лукуреѕос, министер за здравство од јуни 2012 до јуни 2013, Мариос Салмас, алтернативен министер за здравство од јуни 2012 до јуни 2013, Адонис Георгиадис, министер за здравство од јуни 2013 до јуни 2014, Јанис Стурнарас, министер за финансии од јули 2012 до јуни 2014, Евангелос Венизелос, министер за финансии од јуни 2011 до март 2012 и вицепремиер од јуни 2013 до јануари 2015 и за Јоргос Кутруманис, министер за труд и социјално осигурување од јуни 2011 до мај 2012 година.
Висината на поткупот во предметот е околу 50 милиони евра за периодот од 2006 до 2015. За 10 политичари постојат 20 искази меѓу кои и на тројцата заштитени сведоци. Од овие 50 милини евра, 40 милиони евра, веројатно се дадени пред 2010 и тоа на тројца политичари само за случај со вакцини.
Во случајот со поткупот се вмешани 30 лица, државни функционери како што се поранешни генерални секретари, поранешни советници, и соработници на министри.
Од нелегалните активности на фармацевтските компании, од 2000 се проценува дека е направена штета во висина од околу 23 милијарди евра, додека пак само од „Новартис“ загубата е околу три милијарди евра.
Според грчките медиуми, тројцата заштитени сведоци го посочиле поранешниот потпретседател и генерален директор на фармацевтската компанија како клучна личност што ги делел парите на политичарите.