Во „Аџибадем Систина“ е отворен првиот HISPA центар во Македонија
Во клиничката болница „Аџибадем Систина“ се отвори првиот HISPA центар во Македонија. Под името HISPA М, беше промовирано и здружението кое што стана дел од регионалното HISPA Здружение за третман на висок крвен притисок и превенција на срцев и мозочен удар. Персонализираниот пристап кон пациентите е клучната придобивка од спроведување на HISPA програмата, каде што влегуваат и проценката на ризик факторите и креирањето на индивидуален план за исхрана, потоа физичката активност, антистрес програмата и терапијата.
HISPA центарот ќе овозможува идентификација, дијагноза, третман и следење на пациенти со висок крвен притисок и пациенти со ризик за кардиоваскуларна болест, соопштија од болницата.
Програмата ја презентираше проф. д-р Небојша Тасиќ, претседател и основач на HISPA.
– Вакви центри има во 55 градови во регионот – во Србија, во Црна Гора, во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во Бугарија. Со отворањето на HISPA центарот во „Аџибадем Систина“ ја исполнуваме нашата мисија за проширување на центрите низ целиот Балкан. Досега, во нашите центри, со примена на специјализираната програма, успешно се третирани над 15.000 пациенти. Покрај дијагноза и надзор од тимот специјалисти, она што е најважниот момент и она што нè разликува од пристапот на сличните програми во светски рамки, е тоа дека пациентите добиваат персонализирана терапија, прилагодена според нивната состојба – рече д-р Тасиќ.
Во овој центар ќе се третираат пациенти кои имаат нерегулиран или неадекватно регулиран крвен притисок, пациенти кои биле на кардиолог, но сепак не успеале да го регулираат притисокот.
– Главен фокус ни се и пациентите кај кои е проценет ризик за појава на кардиоваскуларна болест. Тоа може да бидат и релативно здрави луѓе, кои немаат изразени симптоми но имаат проблеми како што се прекумерна тежина, стрес, висок крвен притисок, неадекватно се хранат. Посебна програма е и рехабилитацијата на оперирани пациенти по HISPA персонализираната програма. Во Центарот се добредојдени и здрави луѓе кои сакаат да го зачуваат своето здравје – рече д-р Даниела Пројевска, кардиолог во „Аџибадем Систина“ и претседател на македонското здружение HISPA М.