ВМРО-ДПМНЕ сврте накај бојкот
Ден по ден, човек по човек, ВМРО-ДПМНЕ сè појасно се врти кон бојкот на референдумот наместо кон јавно изразениот став за индивидуална одлука. Официјална кампања не се води, но функционери (поранешни и сегашни), членови на извршниот комитет, пратеници и членови на партијата отворено се произнесуваат дека в недела нема да гласаат.
„Нема да излезам да гласам за укинување на нашата историја, нашата култура, нашиот идентитет. Нема да излезам да гласам за да не им се превртуваат коските на моите предци во гробовите. Нема да излезам да гласам, за моите деца и за нивните идни потомци, но и за вашите деца и нивните идни поколенија, да не бидат обезличени, да не бидат дрво без корен. Нема да излезам да гласам бидејќи не се гласа ниту за НАТО, ниту за европска Македонија, како што лажат јавно, туку ќе се гласа за Северна Македонија, за создавање нов, вештачки народ, за уништување на македонскиот народ и за ништо друго. Нема да излезам да гласам за да не им дадам легитимитет на велепредавството и на лагите на Зоран Заев и останатата армадила домашни душмани на Македонија. Нема да бидам соучесник во овој најкапитулантски и кукавички чин што ѝ го прават на Македонија“, вели Димитар Димовски, член на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ во колумна за „Курир“.
И партискиот потпретседател Александар Николоски во вчерашната колумна за „Независен весник“ пишува дека пред крајот сме на кампањата за референдумот на кој македонските граѓани треба да одлучат дали ќе се преименуваат себеси и државата или ќе го отфрлат тоа.
„Во целокупната комуникација изминатиот период јасно е дека од една страна граѓаните, пред сè македонскиот народ, се силна опозиција на договорот. Се противи на него и не се согласува да се прекрсти себеси и државата. Од друга страна, јасен е обидот за манипулација на власта на Зоран Заев и СДСМ, кои по секоја цена се обидуваат референдумот да помине за да им се испере совеста и да кажат дека народот, а не тие, одлучиле да се прекрсти државата и таа да се обезличи. Кое понижување за својот народ! Со сила го тераат да направи нешто што ниеден друг слободен народ никогаш не би ни помислил, а камоли да го направи“, нагласува Николоски.
Во ВМРО-ДПМНЕ се апсолутно против договорот со Грција, кој го сметаат за штетен и капитулантски и тврдат дека доколку прашањето на референдумот би се однесувало само во врска со спогодбата за името, јавно би се изјасниле против и така би ја воделе кампањата.
„Но, имајќи предвид дека власта направи ујдурма и со прашањето, па го спои со членство во ЕУ и во НАТО знаејќи дека ретко кој во државава не е за евроинтеграција на државата, не можеме да повикаме да се гласа ‘против’. Како демократска партија, оставаме секој од граѓаните сам да одлучи дали и како ќе гласа. Сепак, убедени сме дека гласачите ‘против’ и тие што ќе бојкотираат ќе бидат многу повеќе од оние што ќе го поддржат референдумот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во белиот дворец сметаат дека освен поддржувачите на договорот, сите останати се на нивна страна. Најавуваат дека посебно ќе внимаваат да не дојде до фалсификување на изборната волја или местење на процесот. Toa, објаснуваат, нема да биде реализирано со закани или насилство.
„Собранието не дозволи да има официјални набљудувачи од страна на политичките партии кои што би можеле да реагираат на евентуални неправилности. Но и тоа нема да помине, имајќи предвид дека граѓаните се организираат да го мониторираат и набљудуваат овој процес како што имаме информации преку разни здруженија на граѓани. Но, исто така ќе бидат будни и членовите на ВМРО-ДПМНЕ и секој евентуален потег или желба да се фалсификува волјата на граѓаните или да се намести самиот процес ќе наиде на силен и масовен отпор од страна на народот. Ова се впечатоците кои што ги добиваме од средбите на терен. Волјата е јасна, значаен дел од граѓаните се против договорот, а најголем дел одлучуваат да остануваат дома и тоа е она што го очекуваме во недела“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Досега јавно за бојкот се изјаснија и пратеникот Антонио Милошоски, експретседателот на Собранието, Трајко Велјановски, претседателката на Комисијата за политички систем, Тања Каракамишева… Против договорот се вториот потпретседател на партијата, Митко Јанчев и поранешниот министер Никола Тодоров. Поради нивниот став, изложени се на секојдневни критики и навреди од разочараната десница. Половина од пратеничката група се изјасни дека нема да ги поддржи уставните измени за ратификација на договорот од Мала Преспа.
Горан Адамовски