Владата нема план за Александар Македонски


Владата се уште не си го зела споменикот на Александар Македонски кој неодамна го отстрани од скопскиот аеродром. Бронзената статуа веќе неколку дена е во еден од магацините на „Металски завод“ заедно со неодамна отстранетиот споменик на Ќосето, што се гледа и од фотографиите до кои дојде „Независен весник“.

Каде и кога македонскиот војсководец ќе биде поставен, од Владата не кажуваат. Допрва ќе треба да одлучат за судбината на споменикот кој сега е во државна сопственост, иако беше донација на концесионерот ТАВ на скопскиот аеродром.

„Нема ништо да има во догледно време. На сите овие дневни обврски, споменикот не ни е приоритет“, ни изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски. На денешната владина седница нема да се разгледува ова прашање. И натаму останува неизвесно дали споменикот ќе се постави можеби во некое училиште што го носи името на војсководецот, ќе се подари на некоја државна институција или, пак, ќе се стопи. Практично, од Владата не кажуваат ниту кои се можните опции.

Дека судбината на споменикот е неизвесна, потврдуваат и од Град Скопје кои му отстапија место на споменикот во откупениот склад.

„Споменикот е во нашиот склад. Тој е во државна сопственост и ќе биде кај нас дури се најде решение. Сѐ уште немаме известување што понатаму“, ни рекоа од Град Скопје.

И за споменикот на Ќосето нема никаква новост. Градските власти велат дека до вчера од Здружението за обединување на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин не се јавиле да го подигнат. Споменикот на Александар Велики на аеродромот, кој до неодамна го носеше неговото име, беше поставен во 2011 година како подарок за Македонија од Мурат Орнекол, оперативен директор на концесионерот ТАВ, кој од 2010 година управува со аеродромот. (Д.Т.Д.)