Арсен најден во почвата во Тетовско


Речиси два и пол пати повеќе арсен од дозволеното бил пронајден при испитувањата на почвата на една нива во близина на фабриката „Југохром“ во Јегуновце во ноември минатата година.
Слични резултати биле добиени и при испитувањата спроведени во истиот временски период на земјата од дворот на основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово што се наоѓа во близина на фабриката „Тетекс“.
Овие првични податоци беа претставени од страна на претставници на невладините организации „Вила Зора“ од Велес и „Еко Герила“ од Тетово на дебата што се одржа во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Настанот е дел од проектот „Да ја заштитиме почвата од загадување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Ненад Коциќ од НВО Вила Зора рече дека овој проект има за цел да ги опфати уште и Скопје, Тетово и Кавадрци како места каде има големо загадување како последица на индустриските капацитети.
-Наша цел по направените анализи на почвата, како и на зеленчукот и овошјето што се произведува тука е да се преземат соодветни мерки за чистење на земјата од тешките метали што веќе се присутни особено со процесот на фиторемедијација односно засевање на критичните земјоделски површини со соодветни растенија кои ги црпат тешките метали од почвата. Тоа што е наша голема забелешка е дека немаме никаква активност од надлежните државни институции за нивно вклучување во овој процес што треба да гарантира дека земјоделските површини во целата држава ќе станат здрави и незагадени од тешки метали,  што пак ќе придонесе за производство на здрава и чиста храна, рече Коциќ.
Според него, во изминатите пет години било утврдено дека за чистење на кадмиумот во почвата во Велешко како последица од работата на тамошната топилница најделотворна се покажала маслодајната репка. За Тетовско дополнително треба да се прошират анализите и на други места, како и да се одбере соодветното растение што најмногу ќе придонесе во чистењето на почвата од арсен.
-Арсенот е тежок метал што предизвикува разни болести кај човекот. Двете првични локации во Тетовско беа одбрани намерно покрај индустриските капацитети за да видиме каква е моменталната состојба и на еден начин да побараме поширока општествена активност за фиторемедијација на земјата, изјави Коциќ.
Неговиот колега од „Вила Зора“ Кире Кочов информираше дека покрај испитувањата на почвата од нивата кај Јегуновце што подолго време не била користена за земјоделие тие извршиле соодветни испитувања во рефернтна лиценцирана лабораторија во Велес и за состојбите со зелка и компир од нива кај Пршовце, во близина на Јегуновце, што постојано секоја година се користи за земјоделско производство.
-Добиените податоци за земените примероци земја на длабочина од 20 и 40 сантиметри  покажаа дека необработената земја кај Јегуновце има 2,5 пати повеќе арсен од дозволеното, додека оловото и кадмиумот се во дозволените рамки, кај компирот нема зголемени концентрации на вакви тешки метали бидејќи тој не ги апсорбира од почвата. Кај зелката има зголемено, ниво но и тоа беше во рамки на дозволените рамки, рече Кочов.
За Аријанит Џафери од Еко герила овие првични податоци за состојбите со загадувањето со тешки метали на почвата во Тетовско само треба да ја алармираат јавноста и институциите посериозно да се зафатат со овој проблем.
Според присутните на денешната дебата во Тетово процесот на фиторемедијација треба да се примени најмалку три до пет години за да може да се добие исчистена земја од тешки метали поради што државата треба да придонесе во обештетувањето на земјоделците кои не ќе може да ја користат земјата за производство во тој период.