Амазон: Мемоарите на Мишел Обама попродавани од „Педесет нијанси сиво“


САД– Книгата на поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, се продава подобро од еротскиот бестселер „Педесет нијанси сиво“, објави „Амазон“.

Иако на пазарот е 65 дена, книгата „Бикаминг“ влезе меѓу највлијателните наслови на деценијата, објави „Си-ен-ен бизнис“.

Мемоарите на поранешната прва дама е најпродавана книга на „Амазон“ во последните 47 дена.

Книгата е објавена на 13 ноември и е поделена во три дела „Becoming Me“, „Becoming Us“ и „Becoming More“, а во неа експрвата дама пишува за своето детство, студентските денови, расизмот, бракот со поранешниот претседател на САД, Барак Обама, за нивните ќерки и искуството во политиката.

Од издавачката куќа „Рендом хаус“, која наводно платила 65 милиони долари за авторските права на мемоарите, соопштиле дека книгата е продадена во повеќе од 1,4 милион примероци само во првата недела од издавањето.

Книгата е преведена на 23 јазици, а освен во САД, на прво место е и во Финска, Норвешка, Данска, Германија, Португалија, Англија и во Сингапур.

Експрвата дама на САД Мишел Обама лани ја симна од врвот Хилари Клинтон, за жена на која најмногу и се восхитуваат, во годишната анкета на „Галуп“.

Мишел вчера наполни 55 години, а роденденот на социјалните мрежи и го честитаа сопругот Барак и поп-ѕвездата и пријателка Бијонсе.