Зошто ВМРО-ДПМНЕ ја поткопува министерката за финансии Димитриеска-Кочоска?

Министерката вели дека парите за пругата кон Бугарија не може да се пренаменат, но ВМРО-ДПМНЕ вчера пак побара тие средства да одат за железницата кон Грција


Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска (Фото: Б. Грданоски)

 

Изгледа прилично нелогично вчерашната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на која тој го повтори ставот на премиерот и министерот за транспорт дека 560 милиони евра наменети за третата делница на пругата кон Бугарија од Крива Паланка до Деве Баир треба да се пренаменат кон железницата што води кон Грција.

Нејасно е зошто ВМРО-ДПМНЕ преку официјална прес-конференција го деазавуира ставот на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која во четвртокот на брифинг со новинарите рече дека парите што се добиени од европските институции за оваа пруга не можат да се пренаменат.

„Ги слушам изјавите, но не е баш така. Еве, замислете, дека сте зеле наменски кредит од банка. Вие не може да го користите за друго. Исто е во овој случај, кредитите се наменски. Може само да ги замолите да ги резервираат тие пари и повторно да аплицираме за заем“, рече Димитриеска-Кочоска, која е добро запозната со банкарските процедури, бидејќи порано има работено и во банка.

За третата фаза од железничкиот Коридор 8 од Крива Паланка до границата со Бугарија обезбедени се 560 милиони евра, 350 милион евра се од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка. Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан добиен е грант од 150 милиони евра, а од ИПА 2 програмата 60,7 милиони евра. 

Тогаш, зошто пратеникот Петрушевски вчера во име на ВМРО-ДПМНЕ излезе со сосема поинаков став: „Економски е неоправдано да се фрлат 560 милиони евра за пруга која завршува во тунел без крај. 560 милиони евра можат да се потрошат на модернизација на пругата од Табановце до Богородица и таа да може да се користи од возови кои би се движеле до 120 километри на час, а би чинела 250 милиони евра, односно половина од тоа што СДС и ДУИ планирале за 24 километри пруга со тунел без крај“. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир, исто така, изјави дека е речиси невозможно да се спроведе пренамената на европските пари од изградбата на железницата кон Бугарија на пругата од Коридорот 10 (кон Грција).

Во интервју за „Слободен печат“ Гир рече: „Не може едноставно да се пренаменат парите од Коридорот 8 на Коридорот 10, нашиот (европскиот) систем не функционира така. Дискутиравме со министерот за транспорт, со премиерот и со други и мислам дека во наредните недели, месеци, ќе најдеме заеднички јазик за најдобриот начин како да се продолжи. Значи, не може едноставно да се пренаменат парите од нешто за кое е веќе постигнат некаков напредок на нешто што сѐ уште се развива“.

Тој објасни дека двата коридори во европската патна и железничка мрежа се важни.

Ако ставовите на чуварот на државната каса и претставникот на ЕУ се исти – дека парите не можат да се пренаменат, тогаш навистина е загадочно зошто ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува истата приказна, со која објективно ѝ наштетува на Гордана Димитриеска-Кочоска, сведувајќи ги нејзините забелешки и оценки како помалку важни од оние изјави на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт, Александар Николоски. Тие двајцата, номенклатурно се првите двајца во раководството на партијата.

Димитриеска-Кочоска на истиот брифинг со новинарите даде неколку контроверзни оценки за пругата со Бугарија. Таа, како министер за финансии, смета дека пругата, која е дел од паневропскиот Коридор 8 и која треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, економски е неисплатлив проект и дека може дополнително да ја втурне земјата во проблеми.

Министерката веќе остварила средба со претставници на Европската инвестициска банка каде што аргументирала зошто не треба да се гради пругата кон Бугарија.

„Хипотетички ќе ја направиме пругата. Тоа е траса што води од Драч до Бургас. Што ќе ни донесе таа, каква додадена вредност? Што ќе ни донесе економски? Од ЕиБ велат ‘знаете, има НАТО аспект’. Супер. Јас отворено ги прашав дали НАТО И ЕУ ќе нè сакаат ако банкротираме?“, им изјави на новинарите Димитриеска-Кочоска.

Таа нејзина проценка не е во согласосност со декларацијата усвоена на самитот на НАТО во Вашингтон дека пругата кон Бугарија и Албанија е дел од важниот проект за поголема мобилност на трупите и средствата на јужното крило на алијансата и е влезена во долгорочните проекти на воениот сојуз.

Во тој дел министерката и премиерот, а и партијата се согласуваат – нема потреба да се доградува пругата кон Бугарија, барем не оној дел од Крива Палнка до Деве Баир. Иако Македонија како членка на НАТО на самитот во Вашингтон ја презеде обврската за изградбата на оваа пруга за поголема мобилност на војниците и средствата на алијансата. Дали ваквите прес-конференции се само притисок до Софија да почне посериозно да се занимава со нејзиниот дел од пругата, кој објективно е драматично помал, затоа што железницата доаѓа до Ѓуешево, блиску до границата, само што треба посериозна реконструкција. А и изградба на нивниот дел од тунелот од околу 1.100 метри.

А дали е возможно само поради 24 километри пруга и 360 милиони заеми Македонија да банкротира е прашање повеќе за политички акробации, отколку за реална економска проценка.

Интересно е и што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска чека да пристигне билатералниот договор за заемот од Унгарија од 500 милиони евра за потоа да отпатува во Будимпешта да ги конкретизира деталите. Како нејзина претходница оваа недела таму беше вицепремиерот Александар Николоски, кој со клучниот човек на премиерот Виктор Орбан, политичкиот директор во владата, Балаш Орбан, ги договараше деталите за заемот. Колку да се знае преку кои линии одел овој кредит со камата од 3,25 отсто. (Н.В.)