Зошто Србинот Борис Милошевиќ, потпретседател на хрватската влада, ќе оди во Книн на годишнината од операцијата „Бура“


Треба да излеземе излеземе од рововите во кои сме закопани. По 25 години, потребно е да се запре омразата, да се престане со војната, вели Борис Милошевиќ

 

Не ми беше лесно да донесам одлука да одам во Книн. И заради приватна семејна трагедија и заради сите оние Срби кои изгубиле некого во „Бура“, оние што се во егзил и оние што се вратиле, иако нивниот процес на враќање им беше опструиран, напиша Борис Милошевиќ, потпретседател на хрватската влада во својот статус на Фејсбук и првиот српски политички претставник во Хрватска што официјално ќе учествува во службеното одбележување на годишнината од операцијата „Бура“.

„Одам во Книн со отворено срце, искрено, со надеж дека оваа влада може да направи толку важен чекор, чекор кон иднината, подобро општество, општество на разбирање, почитување и толеранција и дека можеме да излеземе од рововите во кои сме закопани. По 25 години, потребно е да се запре омразата, да се престане со војната“, напиша Милошевиќ, кој за прв пат јавно ја сподели својата лична приказна за мобилизација на неговиот татко и загубата на баба му, 67-годишната Дара Милошевиќ, убиена на 7 септември 1995 година во селото Брибирске Мостине.

Нејзиниот убиец, демобилизиран член на 15. домобрански полк, Веселко Билиќ, беше осуден во јануари 1996 година на осум години затвор. Потоа Врховниот суд ја намали неговата казна на седум и пол, но Билиќ на крајот отслужи вкупно три и пол години затвор. Имено, во мај 1998 година, претседателот Фрањо Туѓман ја намали неговата казна со декрет за две години, а после тоа дополнително му беше намалена заради добро поведение и здравствени проблеми.

Еве дел од поголемиот статус на Милошевиќ под наслов „Приказна за еден Србин од Хрватска“:

„Во Книн доаѓам како потпретседател на владата на Република Хрватска надлежен за човекови права. Како член на владата, Србин од Хрватска, свесен за товарот на военото наследство во општеството што го чувствуваат Србите во Хрватска, но не само тие, туку и сите граѓани на Република Хрватска, морам да размислувам рационално и одговорно и да се обидам да придонесам за подобро општество и култура на мирот.

Деновиве додека размислував што да правам, се потсетив на моето доживување на ‘Бура’. Самата ‘Бура’ ја дочекав во родниот град Шибеник, грижејќи се во тие денови за мојот татко кој беше мобилизиран како хрватски војник, за моите пријатели кои беа во хрватската армија, како и за роднините кои беа од другата страна. Му се заблагодарив на бога во тие денови што татко ми се врати жив и здрав и дека сите што ги познавав беа добро.

Откако татко ми беше демобилизиран, отидовме во селото Брибирске Мостине, каде бев сведок на грабежите на напуштените српски куќи. Ја посетивме баба, мајка на татко ми, која остана да живее таму по ‘Бура’. Таа не сакаше да ја напушти својата куќа, не сакаше ниту да дојде кај нас во Шибеник.

На почетокот на септември, отидов во Ријека заради моите универзитетски обврски. На 7 септември, доцна попладне, се јави сестра ми. Отиде со татко ми да ја види баба. Ја пронајдоа мртва, таа беше убиена од огнено оружје одблизу. Убиецот беше пронајден случајно заради сопственото фалење, верувајќи дека никој нема да го испита убиството на ‘четничката’, како што рече самиот тој. Тој беше осуден на седум и пол години, а излезе за за три и пол години, откако доби претседателско помилување.

Со товарот на оваа семејна трагедија, па дури и низ болката на мојот покоен татко, одлуката да одам да ја славам ‘Бура’ во Книн беше уште потешка за мене. За мене, кој го доби својот извод од матична книга на родените дури по ‘Бура’, иако јас сум роден и целиот живот го поминав во Шибеник.

А војната за многумина во општеството, за жал, не заврши и тоа најдобро го знаат српските деца кои мораат да страдаат од стигма во своите училишта поради нешто што нивните родители немаат никаква врска, а кои мораат да се чувствуваат виновни само затоа што се Срби. Исто како што се чувствуваше мојата генерација за време и по војната.

Одам затоа што сакам да ја направам нивната иднина полесна. Одам затоа што мислам дека дојде време политиката на разбирање и почитување на другиот да ја победи политиката на омраза.

‘Бура’ не е само воено-полициска акција, туку е и огромна колективна траума. За Хрватите тоа е симбол за почеток на долгоочекуваниот мир и крај на окупацијата, за Србите, тоа е траума на почетокот на нов егзодус, страдање, страв, неизвесност и неможност за враќање во нивните домови.

Свесен сум дека моето одење во Книн кај мнозинството нема да ги промени овие два различни погледи на ‘Бура’, но јас сум подготвен да прифатам каков било гест кој оди кон тоа со заедничката толеранција и почит себеси да се изграедиме како демократско општество, кое може да оствари соживот и просперитет, без оглед секоја разлика, вклучително и во толкувањето на заедничката историја. Од моето заминување во Книн, многу поважно е да се изгради атмосфера на помирување и дијалог во кој како општество мора да ги признаеме и прифатиме сите жртви без оглед на националноста“, напиша потпретседателот на хрватската влада, Борис Милошевиќ. (порталновости.ком)