Зошто Орце Ѓорѓиевски одржа координативен состанок со мнозинската советничка група во Скопје?


 

Денеска, кандидатот за градоначалник на Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски одржа координативна средба со советничкото мнозинство во Град Скопје, предводено од носителот Даме Димитровски. Тој е претседател на ЗЕЛС, но одржувањето ваква средба, додека течат роковите пред вториот круг на локалните избори, каде тој треба да се соочи со противникот Амар Мециновиќ од Левица е далеку од она што сака да го прикаже „грижа за Скопје и скопјани“. Мециновиќ нема таква можност, а следната недела скопјани повторно ќе излезат и ќе треба да изберат татко на градот, четири години по „раскинувањето“ меѓу истата ВМРО-ДПМНЕ и мајката на градот, која ја донесоа во градската фотелја, Данела Арсовска.

Под превезот на партиска координативна средба, на која се викнати медиуми, да снимаат дел од атмосферата на состанокот и потоа да се земаат изјави, во услови кога на противкандидатот државните институција не му дозволија никакво рекламирање, во најмала рака е дегутантно.

„На средбата разговаравме за првите наши чекори по преземањето на функцијата градоначалник, како и за најгорливите прашања што ќе бидат наш сериозен фокус до крајот на годината. Првиот ребаланс на буџетот ќе биде насочен кон враќање на функционалноста на градот, кон капитални инвестиции, подобра инфраструктура, чиста животна средина и поддршка на јавните претпријатија кои се во сериозен колапс. На Скопје и на неговите граѓани им е потребна стабилност и систематско решение на наталожените проблеми, а не експерименти, туку план, одговорност и работа. Советот ќе биде двигател на тие промени, насочен кон интересот на граѓаните“, уверен е Ѓорѓиевски.

Димитеровски пак, од позиција на носител на листата, односно прв избран советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги појасни деветте темелни политики, што овој состав на градскиот совет ги има поставено пред себе.

Тоа се:
– намалување на загадувањето на воздухот
– систем за управување со отпад
– брз и доверлив систем за јавен транспорт
– јавни простори
– велосипедизам и други алтернативни начини на превоз
– безбеден сообраќај за најмалите скопјани
– Скопје град на културата
– Скопје центар на наука и развоја на Балканот
– Отворен Совет, транспарентно и одговорно управување со Буџетот на Градот.

Во Советот на Град Скопје седнуваат 18 советници од ВМРО-ДПМНЕ, по шест од ДУИ и ВЛЕН, пет од СДСМ, еден од коалицијата на ЛДП и двајца независни. (Б.Б.)