Зошто бизнисот отиде во Собранието да ги замоли пратениците?

Законите кои чекаат во Собранието се поврзани со намалување на трошоците на извозните компании што директно влијае на нивната конкурентност


 

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, затропа на вратата на Собранието во обид да се деблокираат законите кои што се важни за стопанството за колку – толку полесно да се справат од последиците на економската и енергетска криза. Како што соопштија од Комората, вчера Азески бил примен од претседателот на Собранието, Талат Џафери, по алармот кој го вклучија компаниите кои што се соочуваат со огромни трошоци за електрична енергија, за деривати, суровини…

Некои од компаниите под товарот на кризата го прекинаа производствениот процес, како што е кавадаречки „Еурокомпозит“ (поранешен Фени), а други се на работ тоа да го направат, доколку не им се помогне од страна на државата. Дел од проблемите стопанствениците ги лоцираат во бавноста на Владата да донесе навремени мерки, но дел и во Собранието каде што со месеци чекаат на донесување повеќе законски акти. Токму тоа беше и целта на посетата на делегацијата на Комората на Собранието – да се укаже на неопходноста, тој процес да се откочи од страна на пратениците.

Еден од законите на кои подолго време укажуваа стопанствениците беа и измените во Законот за градење, со кој ќе им се овозможи полесно и без административни процедури да поставуваат фотоволтаици и на тој начин да ги намалат трошоците за електрична енергија. Иако пратениците од сите политички партии вербално даваат поддршка за ваквите измени, Законот предолго чекаше да биде донесен.

Тоа се случи вчера, случајно или не, непосредно по средбата на коморската делегација со спикерот Џафери.

Измените во Законот беа донесени со 84 гласа „за“, што значи дека за него гласале и пратениците од опозицијата. Со овој закон се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи – производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електро дистрибутивна мрежа.

Од Комората во соопштение велат дека на средбата со претседателот Џафери „беше посочено дека покрај Законот за изменување и дополнување на Законот за градење со кој субјектите ќе можат на кровна конструкција на објект да постават фотонапонска електроцентрала без решение за поставување, согласно членот 74 на овој закон, со што ќе се олесни процесот на поставување на фотоволтаици, како мерка за справување во услови на енергетска криза, за бизнисот приоритет во моментов е итно да бидат изгласани уште две законски решенија, на собраниска седница на 25-26 октомври 2022 година, ако под услов се состанат Комисиите за надворешна политика и за финансирање и буџет“.

Џафери и Азески заклучија дека контактите со пратениците, пратеничките групи и бизнис заедницата неопходно е да бидат почести во интерес на стопанството, а со тоа и на економскиот развој.

Според Комората, законите кои чекаат на одобрување во Собранието се поврзани со намалување на трошоците на извозните компании што директно влијае на нивната конкурентност во услови кога скапата цена на електрична енергија ги стави во исклучително неповолна позиција во регионот и пошироко и обезбедување заем во износ од 100 милиони евра со државна гаранција за финансирање на ЕСМ – Скопје со цел обезбедување соодветно производство и набавка на струја за потребите на домашниот пазар.

Еден од нив е од техничка природа и станува збор за ратификација на меѓународна конвенција, каде што по правило не би требало да има пречки од страна на партиите во Собранието, особено што станува збор за дополнувања на веќе постојна конвенција. Но, очигледно, во севкупното пазарење меѓу парламентарните партии, жртви се и вакви документи, чие донесување им носи придобивки на извозно ориентираните компании.

Како што посочуваат од Стопанската комора, по Законот за градење, итно треба да се ратификува пан-еуро медитеранската конвенција заради намалување на трошоците за извоз за поголема конкурентноста на компаниите во регионот и за поддршка на ликвидноста на ЕСМ – Скопје преку заем од 100 милиони евра, за да се обезбеди редовно снабдувањето со електрична енергија, што е клучен проблем во моментов.

„Предлог-закон за ратификација на изменувањето и дополнувањето на Анекс 4 на ЦЕФТА 2006, кој се уште не е поминат на Комисијата за надворешна политика, иако ние како земја членка на ЦЕФТА сме обврзани да ја преземеме ревидираната Конвенција, а за да може таа да се користи во меѓусебната трговија администрирана од ЦЕФТА, неопходно е да се ратификува во земјите потписнички на овој договор за слободна трговија, што како процес го немаме завршено само ние. За извозно ориентираните компании, е од особено значење процесот на ратификација да заврши час поскоро. Ова ќе им овозможи на компаниите да ги користат привилегиите од ревидираната ПЕМ конвенција за извозот на пазарите на ЦЕФТА, со кој, меѓу другото, се укинува забраната за поврат на царина за суровини без потекло, со што се намалуваат трошоците на извозниците и со што стануваат поконкурентни на пазарите во регионот, а се олеснува и добивањето ЕУР 1 сертификат за потекло“, наведува Комората.

Во овој пакет на барања на стопанствениците е и еден друг закон околу кој има многу повеќе партиски препукувања. Станува збор за Предлог-законот за гаранција на РСМ на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на  ЕСМ – Скопје кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и ЕСМ – Скопје, со доделување заем во износ до 100 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, е неопходно да се донесе за финансирање на  ЕСМ – Скопје во услови на енергетска криза.

„Со овој проект ќе се надминат потешкотиите во снабдувањето со електрична енергија, што е клучен проблем во моментов. Најголем дел од заемот е наменет за оперативни трошоци во ХЕЦ ‘Маврово’, ХЕЦ ‘Тиквеш’, ХЕЦ ‘Треска’, ХЕЦ ‘Црн Дрим’ и Дирекција, како и за набавка на електрична енергија од лиценцирани трговци со електрична енергија и набавка од операторот на електропреносниот систем, МЕПСО“, велат од Комората.

Овој закон е подолго време тема за препукување меѓу опозицијата и власта. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред два дена изјави дека најголемата опозициска партија нема да го поддржи донесувањето законот за ликвидност на  ЕСМ, бидејќи, според него, над 4.000 луѓе ќе останат на улица и најави дека неговата партија ќе ја искористи можноста за филибастеринг во парламентот.

Интересно е што сега како причина за блокадата тој наведе дека законот „содржи во својата структура услов кој што вели дека за да ги користи ЕСМ тие средства односно владата потребно е до крајот на 2023 да биде затворен Осломеј, а до 2027 година да биде затворен РЕК ‘Битола‚“, што ќе остави без работа 4.000 луѓе и најмалку уште 40.000 кооперанти кој што зависат од работата на овие два производни капацитети на базна енергија.

Пред месец-два меѓутоа, тој рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го поддржат заемот од сто милиони евра од ЕБРД за ликвидност на ЕСМ, „додека не добијат отчет како се трошени парите за транспорт на јаглен“.

Одењето на делегацијата на Комората на Собранието, доаѓа само нешто повеќе од еден месец по посетата на делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски на Стопанската комора по која со Азески одржаа заедничка прес конференција на која што изнесоа „заеднички став дека е време за обединување и голем договор значаен за иднината на државата“.

Тогаш Азески изјави дека ги третирале сите прашања кои се од значење за бизнисот.

„Можам да кажам дека за голем број прашања делиме исти ставови што значи дека најголемата бизнис заедница и опозициска партија имаат свои заеднички ставови по прашањата на актуелните состојби“, рече тогаш Азески, додавајќи дека имале размена на мислења и заеднички ставови по низа прашања.

Мицкоски од своја страна истакна дека од партијата имаат чувство како стопанството да не е во фокусот на политиките на Владата.

„Многу е важно фокусот да биде кон економијата, кон стопанството бидејќи тоа исто стопанство вработува луѓе, повеќе од 680.000 се вработени во приватниот сектор, тие генерираат приходи и дел тие приходи завршуваат во државниот буџет, а потоа и се трошат. Така што вие како влада не можете да трошите, ако стопанството вас доволно не ви приходува“, рече по средбата Мицкоски, додавајќи дека поддршката што ВМРО-ДПМНЕ ја дава кон стопанството и тоа, како што рече, кое го имаат како разбирање кон стопанството треба да продолжи, да се зголеми, да се интензивира во рамките на нашите можности.

Но, очигледно, работите во Собранието, не одат по оваа патека. Да беше поинаку, од 12 септември кога беше посетата на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Комората, до сега имаше доволно време пратениците во Собранието да ги чујат апелите и да реагираат на нив.

Прстот, секако не е насочен само кон Собранието, туку и кон Владата, за што во Комората се одржувале средби и со владините претставници и со премиерот Димитар Ковачевски.

Пред три дена Стопанската комора излезе со апел за итна помош на компаниите при што посочи дека „за да се одржат домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги, и дома и во странство, но и за да ги зачуваат работните места, компаниите ја очекуваат поддршката од Владата, која беше ветена, бидејќи бизнисите претрпеа финансиска штета плаќајќи сметки за струја некаде и до 6-пати повисоки од минатогодишните“. Намалување на непродуктивните трошоци во Буџетот, одложување на примената на прогресивното оданочување, оцена на уставноста на Законот за работни односи до делот на недела неработен ден, се само дел од барањата, покрај деблокирањето на законите во Собранието, на кои упорно инсистираат од асоцијацијата на стопанствениците.