Зошто Ахмети групира телевизии како „ракоплескачи“?

Лидерот на ДУИ освен што ги спомена Алфа и Телма во иста група телевизии викендов изјави дека нема намера да го менува Артан Груби, без оглед на барањата на незадоволниците во партијата


 

Невообичаено за него, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од митингот овој викенд во Гостивар, се вклучи во оценување на работата на одредени телевизии за начинот на кој тие ги следат превирањата во партијата. Зборувајќи во Гостивар Ахмети порача дека нема намера да го менува Артан Груби од местото прв вицепремиер, како што бара незадоволната група во партијата предводена од Изет Меџити. Тој тоа го спореди и со други барања во минатото да биде сменет Муса Џафери, што не го направил.

„Десет години бараа смена на Муса Џафери, но јас не го сменив затоа што тоа беше волја на мнозинството. Абдилаќим (Адеми) упорно бараше да го сменам, но јас не го сменив затоа што беше таква волјата на мнозинството. Сега бараат да го сменам Артан Груби, но не го менувам. Таква е волјата на мнозинството. Генералниот совет одлучи. Кому му вршиме услуга со овие движења што се прават? Сигурно дека на непријателите на Албанците. Ракоплескаат Алфа, Телма, мелма… што се тие. Што добија Албанците што се делеа во минатото. Ништо не добија“, рече Ахмети. Не е јасно зошто Ахмети ги стави овие две телевизии во иста група. Можеби затоа што посветувале повеќе време отколку што тој мисли на активностите и барањата на „огнената група“. Или можеби поради нешто друго?

Освен што испрати порака дека нема намера да го менува Груби (кој исто така зборуваше на митингот во Гостивар, а и беше со Ахмети на вечерата кај албанскиот премиер Еди Рама), тој однесувањето на Меџити и компањоните го постави во графата каде што може да се најдат „непријателите на Албанците“.

Ахмети зборуваше за омилената тема на ДУИ, ветингот на функционерите, но даде и своја дефиниција кога настапува корупцијата кај оние што владеат. „Власта не корумпира, стравот корумпира, стравот од губење на власта, кои се нашите мисии, нашите задачи и нашите работни места, да бидеме повеќе посветени, да бидеме поангажирани, не само на телевизиските екрани и тв дебатите, туку и со конкретна активност и посветеност и борба против криминалот и корупцијата бидејќи има и луѓе кои велат дека се плашат да не ја загубат власта, а потоа прават лоши работи“.

Предводникот на одметнатата група, Изет Меџити, во неделното интервју за Радио Слободна Европа рече дека за „атер на Али Ахмети“ промолчувале зошто министрите од ДУИ биле избрани без мандат на граѓаните. Но Меџити со неколку реченици откри дека работите треба да останат во 2001 година. Според него, уставот на државата за ДУИ е Рамковниот договор и според него треба да се води политиката на партијата која победува на изборите 20 години. И има чувство дека Груби го „трампал Рамковниот договор за мултикултурализам или пак за граѓанско општество“.

Оценувајќи дека било чудно што Артан Груби од „многу близок до поранешната влада на Груевски, сега испаѓа дека е многу близок до концептот и на оваа другата влада“, тој посредно укажува дека целата партија ДУИ, вклучувајќи го и Али Ахмети, ја сменила блискоста и партиите за владеење. Можеби Изет Меџити и другите околу него мислат дека верноста кон старите „партнери“ е многу важна во политиката (Н.В.)