Златни дипломи добија првите 60 студенти на Техничкиот факултет
На шеесетина студенти, кои дипломирале пред 50-ина години на тогашниот Технички факултет, отсек електро при Универзитетот „Кирил и Методиј“, вчера Факултетот за електротехника и информациски технологии им додели златни дипломи. Софија Богданов и Томе Ташев, првите студенти кои дипломирале во периодот 1964-1969 година на електро, велат дека иако тогаш немало учебници и лаборатории на факултетот, се стекнале со квалитетни знаења кои им помогнале по завршувањето веднаш да се вработат. Навраќајќи се на деновите кога биле студенти, се потсетија дека десетки тешко се добивале, ама сериозно се печел занаетот.
Софија работела до пред осум години. Работниот век го завршила како редовен професор, предавала група предмети како дигитално процесирање на сигнали на факултетот. Таа вели дека на денешното високо образование му недостигаат многу работи, а за да се подобрат состојбите смета дека треба да се почне од основното образование. Масовноста на запишани и дипломирани студенти, според неа, не значи дека сите се оспособени за струката. Важно е уште во најрана возраст децата да се мотивираат да учат, а не да добиваат дипломи.
„Тешко е да се спореди сегашниот периодот со оној кога јас студирав. Она што е карактеристично за нашите генерации е дека факултетот беше во своите почетоци и многу работи ни недостигаа што денеска се обични за студентите и веројатно не можат да ги замислат студиите без помагала. Ние немавме во тоа време ниту учебници, а кога ќе стигнеше некој учебник од Белград го читавме, додека денеска студентите не читаат ниту стручни книги. Главната разлика е што тогаш имавме идеали, имавме сон кој беше лесно остварлив бидејќи сите се вработувавме по дипломирањето по струката… на тој начин сите дадовме придонес во градењето на факултетот. Денеска на високото образование му недостигаат многу работи. Прво, масовноста дава лажна слика, секој има шанса да дојде до диплома, ама нема шанса да дојде до реално знаење, да се оспособи за струката. Тешко е да се оспособите за една струка што бара да учите цел живот… Треба децата да се мотивираат да сакаат да учат, а не да добиваат дипломи, да уживаат во учењето, а за да се подобрат состојбите треба да се почне од основното образование, од базата“, рече Богданов.
Томе поголем дел од работниот век го минал во електростопанство, а бил и професор. Смета дека на факултетите треба да има повеќе пракса за студентите, да знаат да одговорат на работните задачи кога ќе се вработат.
„Во високото образование има квалитет, меѓутоа потребно е да има повеќе пракса, за подобро да се снајдат младите кога ќе се вработат. Без пракса не се снаоѓаат на работа, ги држат приправници и по две години за да се обучат. Електротехниката е специфична дејност, грешките се плаќаат најчесто со живот“, рече Ташев.
Досега на овој факултет дипломирале повеќе од осум илјади електроинженери, имало над 750 магистри и 110 доктори на науки, а во моментот студираат околу 1.500 студенти на трите циклуси на студии. Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, подвлече дека на 19 јуни 1959 година, точно пред 60 години, е донесен Законот за основање електромашински и технолошки оддел на Техничкиот факултет, по што почнале студиите по електротехника.
„Пред околу 50-ина години, на тогашниот Електромашински факултет, своето образование успешно го завршила првата генерација електроинженери. Во генерацијата 1959/60, на електромашинскиот оддел при Техничкиот факултет биле запишани 128 студенти, од кои 48 на електротехничкиот оддел. Од нив, во 1963 година апсолвирале 30 студенти… генерација која даде придонес во развојот на нашата држава. Ги совладавте основните за електротехниката, потоа практично ги поставивте темелите на првите електроенергетски системи. Вие сте тие што директно или индиректно учествувавте во креирањето во денешните електрогиганти. Придонесовте и во развојот на електрониката, автоматиката, телекомуникациите… Од овој факултет произлегле многу научници препознаени во светски рамки“, рече Ташковски.
Токму кадрите што излегуваат од овој факултет се најбарани од компаниите во земјава и надвор. Праксата покажува дека најдобрите заминуваат да се дообразоваат надвор, на универзитетите во Германија, Холандија и Италија каде што магистерските и докторските студии се бесплатни и во текот на студиите добиваат стипендии, по што одлучуваат таму да работат. Затоа потребно е, вели универзитетскиот професор Миле Станковски, не само да се подобри бизнис-климата во државата туку и да се подобри и климата за живот.
„Во земјава компаниите ги бараат дипломирани кадри. За да се подобри стопанството во земјава, треба компаниите да стипендираат студенти уште од почеток на студирањето, но и тоа не е гаранција. Ние имаме пример кога трите енергетски компании стипендираат по 15 студенти секоја година на ФЕИТ од областа на енергетиката, но последниве три години не се пријавуваат студенти за стипендија. Последниве години се пријавија само осум. Добрите студенти не сакаат да земаат стипендија бидејќи планираат да одат во странство. Треба да се размислува не само во подобрување на бизнис-климата туку и на климата за живот. Ова е случај не само кај нас туку и во балканските држави“, рече Станковски.
Вероника Мароска-Леова