Златко Јовановски дизајнираше венчаница тешка 18 кг, еве ја целата кралска колекција „Пјур“
Златко Јовановски со модни ателјеа во Скопје и во Тетово, кој се специјализира за гламурозни венчаници по теркот на Холивуд и на Блискиот исток, повторно воодушеви со новата колекција „Пјур“, првично претставена во Измир на Саемот за венчаници кој е еден од најголемите саеми во светот.
„Колекцијата вбројува венчаници и фустани за специјални прилики. Сите креации се надополнети со вез од монистри, стакла, бисери и камења. Јас како дизајнер сум посебно горд на нашето “ремек дело”, венчаницата која што е направена со посебно внимание и ја направивме само за да се надминеме себе си и се она што до сега го имаме направено.
На таа венчаница работевме 5 луѓе, на истата се ставени 22.000 кристали, 16.000 помали кристали и безброј бисери и монистри. Сите овие детали се рачно нашивани на оваа венчаница, еден по еден. Вкупно потрошивме 11 работни дена, односно кога еден човек би ја работел оваа венчаница би потрошил околу 440 часа. Венчаницата е долга 3 метри, широка е 5 ипол метри и истата тежи 18 килограми, објаснува дизајнерот, познат под брендот JZJ .
Како дизајнер оваа фотосесија ја визуелизирал како “чиста” и темна позадина за да дојдат во примарен план креациите и деталите.
„За да биде магијата во целост од старт знаев дека сакам да позира Ориола Мараши, една од најуспешните модели во светот која воедно и е заштитно лице на брендот “Guess”. Преку наши заеднички пријатели дојдов до контакт со неа, и морам да кажам дека договарањето и организацијата беа многу брзи и професионални. За да биде изгледот комплетен шминката и фризурата се на Андреј Koтевски, а накитот на Андалусија, вели Јовановски.
Сите венчаници се изложени во неговото ателје.