Ќерката на Мајкл Џексон бара 600 милиони долари од имотот на нејзиниот татко
Лос Анџелес – Пaрис Џексон побара од судот да им наложи на извршителите на имотот на нејзиниот покоен татко Мајкл Џексон да префрлат 600 милиони долари на семеен фонд основан за неа и нејзините браќа. Таа тврди дека фондот, основан по смртта на пејачот во 2009 година, не е финансиран повеќе од 17 години, и покрај тоа што имотот генерира милијарди долари приходи, објави „Пипл“.
Бара 600 милиони долари
Во судска жалба поднесена на 29 октомври, Парис, 28, бара од судија во Лос Анџелес да одобри делумна распределба на средства од Фондот за семејство на Мајкл Џексон, семеен фонд основан за неговите деца: Принс, 29, Парис и Биги, 24.
Според желбите на нејзиниот татко, децата требало да почнат да добиваат приход од своите акции на 21 година, со исплати закажани за 30, 35 и 40 години. Парис тврди дека тоа не се спроведува како што планирал Мајкл и дека таа и нејзините браќа зависат од одлуките на администраторот на имотот, Џон Бранка.
Имотот има на располагање стотици милиони долари
Нејзините адвокати тврдат дека имотот собрал повеќе од милијарда долари пред даноци и трошоци преку деловни зделки и продажба на средства. Меѓу најголемите зделки, тие ја наведуваат продажбата на удел во EMI Music Publishing за 287,5 милиони долари во 2018 година, продажбата на Neverland Ranch за 22 милиони долари во 2020 година и договорот со Sony од 2023 година.
Според сметководствените извештаи, имотот имал околу 850 милиони долари во готовина и ликвидни средства на крајот на 2024 година. Парис верува дека по намирувањето на потенцијалните обврски, околу 600 милиони долари можат да се префрлат во семејниот фонд.