Црвениот килим на американската мода: Архитектот Питер Марино е модна икона во 2026 (фото)
Њујорк – Советот на модни дизајнери на Америка (CFDA) го избра истакнатиот архитект Питер Марино за своја „Модна икона“ за 2026 година.
Како визионер кој стои на пресекот меѓу архитектурата, уметноста и модата, Марино го редефинираше искуството на купување луксузни производи преку дизајнирање извонредни простори за водечки модни куќи, меѓу кои се Armani, Bulgari, Chanel, Dior, Louis Vuitton, Tiffany & Co. и Zegna, како и впечатливи бутици за Donna Karan, Calvin Klein и Barneys New York, соопштија од CFDA.

Марино ја основал својата истоимена дизајнерска фирма во Њујорк во 1978 година и е познат по создавањето простори што целосно ве вовлекуваат во својата атмосфера, доловувајќи го уникатниот идентитет на секој бренд, при што често вклучува и уметнички дела создадени специјално за конкретната локација. Меѓу неговите понови проекти се водечките продавници на Dior во Милано, Беверли Хилс и Њујорк; објектите на Chanel во Сан Дијего и Лос Анџелес, како и водечките продавници на Tiffany во Милано и Њујорк.
Подеднакво впечатлив е и личниот стил на Марино – неговиот заштитен знак се црната кожна облека од глава до пети, бајкерските чизми и темните очила за сонце, што го прават лесно препознатлива фигура во светот на модата.
Како страстен колекционер на уметнички дела и покровител на уметноста, Марино во 2021 година ја основаше „Уметничката фондација Питер Марино“ (Peter Marino Art Foundation) во Саутхемптон, Њујорк, каде што се изложени повеќе од 500 дела, од антиката па сè до денес. Во 2012 година, од страна на француското Министерство за култура, тој беше одликуван со титулата „Витез на Редот за уметност и книжевност“ (Chevalier de L’Ordre des Arts et des Lettres), а во 2017 година и со титулата „Офицер на Редот за уметност и книжевност“ (Officier de l’Ordre des Arts et des Lettres). Во 2024 година, тој ја доби наградата „Адријан“ (Hadrian Award) од организацијата „World Monuments Fund“.
„Преку својата извонредна визија, Питер ја преобрази архитектурата во израз на модата, создавајќи простори кои се исто толку впечатливи и незаборавни како и дизајнерите што ги претставуваат. Неговиот личен стил е подеднакво бескомпромисен, а токму таа автентичност го прави вистинска икона. Питер никогаш не ги следел конвенциите. Тој секогаш ги поставувал своите“, изјави Том Браун, претседател на CFDA.
„Одлично е што CFDA ме прогласи за модна икона и што добив признание од оваа уникатна индустрија во која работам веќе 40 години“, рече Марино.
Корнелија Гест, актерка, претприемачка и активистка за правата на животните, која има долгогодишни врски со модата и уметноста, му ја врачи наградата на Марино синоќа во Американскиот музеј за природна историја во Њујорк.

Гала настанот го водеше Кеке Палмер, а им беше оддадена почит на голем број креативци за нивниот придонес во индустријата. Меѓу нив беа и Тори Барч, која ја доби годинешната награда за „Позитивни промени“ (Positive Change Award); фотографите Инез ван Ламсверде и Винуд Матадин, кои беа наградени со наградата за животно дело „Џефри Бин“ (Geoffrey Beene Lifetime Achievement Award); како и Ентони Вакарело, кому CFDA му ја додели наградата „Меѓународен дизајнер на годината“, токму во моментот кога тој заокружува една деценија работа во модната куќа „Сен Лоран“ (Saint Laurent).

Најдобар дизајнер на женска облека е Рејчел Скот за Diotima, најдобар дизајнер на машка облека е Ралф Лорен, најдобар дизајнер на модни додатоци е Ана Кури, и најдобар нов американски дизајнер е Колин Ален .
