„Златен објектив“ за Петар Богоевски: Среќен сум што се вмешав во доајените на македонската кинематографија


Многу сум среќен за признанието кое го добив, и што се вмешав во доајените на кинематографијата на Македонија. Ова не е признание само за мене, туку и за сите кои работеа со мене. Имав многу добра екипа до мене за која сум многу благодарен, посочи денеска светло-мајсторот Петар Богоевски, откако денеска му беше врачена наградата на Кинотека „Златен објектив“.

Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Филмологот Арсим Лесковица во своето обраќање на денешниот настан по повод врачување на наградата, напомена дека светло-мајсторот е невидлив автор на атмосферата. Него не го гледате во кадар, но го чувствувате во секој кадар.

-Од тивката посветеност, од сенките што не ги забележуваме но ги чувствуваме, филмот од секогаш бил уметност на светлината, а таму каде што има светлина, има и некој кој знае како да ја води. Некој, што знае кога таа светлина треба да падне на лице, кога да се повлече во агол, кога да го извади ликот од мракот. Тој човек е светло-мајстор, оној што го знае јазикот на рефлекторот, на сенката. Него не го гледате во кадар, но го чувствувате во секој кадар. Тој е невидлив автор на атмосферата, рече Лесковица.

Според Лесковица, кога зборуваме за филмското осветлување на македонската кинематографија, едно име се издигнува како синоним за професионализам, искуство и тишина што зборува преку светлина – Петар Богоевски. Неговата кинематографија, како што подвлече, е обемна и разновидна.

Тој потенцираше дека секој филм во кој работел Петар носи нешто свое, свој здив, своја светлина и своја сенка.

-Ако почнеме да ги броиме сите филмски и телевизиски дела на кои што тој работел, а ги има повеќе од 80, и ако додадеме само по една реченица за секоја од нив, ќе треба да го продолжиме овој настан до утре наутро, бидејќи секој филм во кој работел Петар носи нешто свое, свој здив, своја светлина и своја сенка, додаде Лесковица.

Како што рече, неговата работа не е само техничка, таа е и поетска, затоа што само некој што ја чувствува сцената пред да се снима, знае како треба да изгледа.

-Петар стои зад камерите на некои од најзначајните филмови од нашата кинематографија, не за да биде забележан, туку за да го направи видливо она што режисерот го замислувал, а актерот го носел во очите и на лицето. Светлина што ја поставувал тој не ја учевме од книги, туку ја паметиме преку емоции, додаде Лесковица.

Директорот на Кинотека, Бошко Грујоски во своето обраќање на настанот напомена дека преку доделување на наградата „Златен објектив“, меѓу другото, се создаваат критериуми за вреднување на филмовите  во иднина, за идните генерации филмски творци и професионалци.

– Создаваме критериуми за вреднување на филмовите во идинина, за идните генерации филмски творци и професионалци. Оваа година „Златниот објектив“ оди во рацете на Петар Богоевски, филмски ветеран и долгогодишен член на Друштвото на филмски работници, рече Грујоски.

Според Грујоски, светло-мајстор е професија без која филмот не може да се снима. Тој напомена дека без осветлување и човекот кој манипулира со светлото во кадарот, директорот на фотографија не може да ја реализира режисерската замисла.

-Без светлина нема да има фотографија, односно слики, а без слики кои се движат, нема да има филм. Без осветлување и човекот кој манипулира со светлото во кадарот, без неговата умешност, трпение, познавање на сцената, опремата и техниките на осветлувањето, директорот на фотографија не може да ја реализира режисерската замисла, додаде Грујоски.

Петар Богоевски е светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.