Зимска прогноза на „Акуведер“: Во Европа ќе има повеќе бури – Балканот нема да биде одминат


Фото: Б. Грданоски

Светски познатата метеоролошка служба „Акуведер“ (AccuWeather) објави голема сезонска прогноза за Европа.

Веднаш на почетокот на прогнозата, се наведува дека земјите во Европа доживуваат нов бран на коронавирус, што предизвика нови ограничувања кои стапуваат на сила само неколку недели пред почетокот на зимата.

„Иако е неизвесно како ќе се развива пандемијата во наредните месеци, тимот на Акуведер со долгорочни синоптичари е прилично сигурен какво време можат да очекуваат Европејците оваа зима. Дел од тимот е Тајлер Ројс, кој е метеоролог во Акуветер скоро десет години, Алан Реперт, постар метеоролог кој е во Акуведер од 2001 година и Џејсон Николс, постар метеоролог кој ја води меѓународната прогноза на Акуведер“, пишува американската приватна метеоролошка служба.

Како што сезоните се менуваат од есен во зима, се предвидува дека примарната патека на невремето ширум Европа ќе се движи кон југ, а бројни бури ќе се придвижуваат кон јужна Европа и Средоземното море, но и на Балканот.

– Мислам дека во споредба со она што го видовме претходните години во Шпанија, Португалија и јужна Франција, ќе биде многу побурно, рече Реперт.

Меѓу поголемите градови во Европа кои може да доживеат бурни услови оваа зима се: Лисабон, Мадрид, Барселона, Ница, Рим, Атина и Букурешт.

„Бурите ќе ги загрозат животите и имотите низ целиот регион, пишува метеоролошката служба „Акуведер“.