„Зидојче Цајтунг“: Меркел се произнесла против доделување датум за Македонија


„Зидојче цајтунг“ објави дека германската канцеларка Ангела Меркел се произнесла против идејата Македонија ова лето да добие Датум за преговори со Европската унија, откако гласилото се повика на свои извори.
Меркел на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот рекла дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.
„Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворени уши’ кај ЦДУ и ЦСУ.“, пишува Зидојче цајтунг, според кого министерот за надворешни работи не наишол на разбирање кај лидерите на партиите од владејачкото мнозинство.
И пратеници во германскиот Бундестаг на дебатата за евроинтеграциите на Македонија сметаат дека во самата германска влада има несогласување пред 18 јуни, денот кога Европскиот совет треба да го објави статусот на Македонија.